Министерот за европски прашања оцени оти е добро што не постојат дилеми за зачленување на земјава во Европската Унија и нејзиниот евроатлантски пат, но, како што вели, она што забавува е протоколот од Преговарачката рамка. Во овој контекст рече дека ќе претстојат суштински разговори во Владата и со официјален Брисел за да се изнајде најдоброто решение без притоа да се создаваат проблеми на патот на земјава кон ЕУ
Уставните измени секако дека ќе се случат, но за тоа е потребен инклузивен процес во кој ќе има широк национален консензус, изјави на денешната прес-конференција министерот за европски прашања Орхан Муртезани по првата официјална средба со евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир.
„Секако дека ќе се случат уставните измени, меѓутоа во минатото видовме дека тоа треба да е еден инклузивен, поширок процес за да има широк национален консензус. Претходната влада проба да го направи тоа без ВМРО-ДПМНЕ и знаеме како заврши тоа. Новата влада ни дава за задача дека ова мора да е поинклузивен процес“,
рече министерот Муртезани на денешната прес-конференција.
Оцени оти е добро што не постојат дилеми за зачленување на земјава во Европската Унија и нејзиниот евроатлантски пат, но, како што вели, она што забавува е протоколот што произлегува од Преговарачката рамка. Во овој контекст рече дека ќе претстојат суштински разговори во Владата и со официјален Брисел за да се изнајде најдоброто решение без притоа да се создаваат проблеми на патот на земјава кон ЕУ.
„Помина само една недела откако се формира новата влада. Секако дека ќе има длабоки, суштински и внимателни разговори за начините на кои ние сметаме дека треба да се реши тоа прашање. Но, дека треба да се реши нема никаква дилема ниту еден чинител во општеството“,
додаде министерот за европски прашања.
На првата официјална средба со Дејвид Гир, како што рече, го уверил евроамбасадорот во посветеноста на земјава во евроатлантската агенда. Информира дека на првата владина седница Владата ги задолжила сите министерства, заклучно со 4 јули, да ги достават сите евентуални забелешки и препораки во однос на реформската агенда.