Консултациите, посочуваат од МНР, се очекува да се случат во текот на неделава
Како што и најави, Министерството за надворешни работи (МНР) информира дека македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски, е веќе повикан на консултации во врска со прелиминарните податоци од пописот во Албанија, кои, како што завчера оценија од МНР, не ја отсликуваат реалната бројка на етнички Македонци.
Консултациите, посочуваат од МНР, се очекува да се случат во текот на неделава.
„Поради итноста на материјата, очекуваме консултациите да се случат во текот на оваа недела и за сите дополнителни детали јавноста ќе биде навремено информирана“,
велат од МНР.
МНР најави дека ќе го повика на консултации македонскиот амбасадор во Тирана еден ден откако беа објавени прелиминарните резултати од пописот во Албанија, според кои, таму живеат 2 281 Македонец.
Консултациите со амбасадорот Данчо Марковски, како што посочија од МНР пред два дена, е со цел да се разгледаат можностите за соодветна корекција на направените пропусти и за изнаоѓање адекватни начини за понатамошно заедничко дејствување и унапредување на билатералните односи со Република Албанија.