Венко Филипче вчера, со нешто повеќе од 9 илјади гласа, беше избран за нов лидер на СДСМ
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарски прашања, му посака успешна работа на новиот лидер на СДСМ, Венко Филипче, и му порача да бидат конструктивна опозиција и да работат во интерес на граѓаните и на татковината.
Мицкоски го повтори ставот дека подава рака за соработка со сите кога станува збор за интересите на државата и на граѓаните.
„Ние рековме дека нема да се мешаме, не сакаме да им правиме на другите тоа што не сакаме другите нам да ни го прават. И во моето експозе во парламентот кажав дека секогаш кога станува збор за интересите на Македонија и на македонските граѓани, подавам рака. Така ќе биде и во иднина. Членството на СДСМ одлучило така, нам не ни преостанува ништо друго освен таа одлука да ја почитуваме бидејќи немаме право и не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на другите политички партии“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник за нова градинка во Општината Бутел.
Венко Филипче вчера, со нешто повеќе од 9 илјади гласа, беше избран за нов лидер на СДСМ.
„По завршувањето на гласањето во 20 часот во 77 избирачки места, пристигнаа прелиминарните резултати кои се 95 отсто обработени. Од нив, Венко Филипче има 9 052 гласа, Александар Бајдевски 905 гласа, Јован Деспотовски 2 705 и Славјанка Петровска 190 гласа. Неважечки се 174 ливчиња. Конечните резултати ќе ги објавиме во рок од 48 часа откако ќе помине рокот за приговори и жалби“,
изјави синоќа на прес-конференција претседателката на Централната изборна комисија Викторија Аврамовска-Мадиќ и додаде дека тој е избран во фер и демократска процедура на внатрепартиски избори.
Веднаш по нејзиното обраќање, од говорницата во партиското седиште се обрати и Филипче. Тој оцени дека со овие избори СДСМ докажал дека има демократски капацитет и високо ниво на професионализам.
„Ценам дека е спроведен беспрекорен изборен ден и целосно легитимен изборен процес. Сакам да им честитам и на моите сопартијци кои беа дел од оваа изборна трка. Драго ми е што имавме конкурентни избори со повеќе кандидати. Од оваа кампања верувам дека сите научивме по нешто и сечиј придонес беше важен. СДСМ уште еднаш го демонстрираше својот демократски капацитет, кој како иден претседател ќе го негувам и унапредувам“,
рече тој.