„Фокусот на оваа влада е реформски. Потребни се брзи реформи со цел враќање на реномето и угледот на нашата држава Македонија, затоа што се досега од страна на СДС и ДУИ беше погазено и уништено“, вели портпаролката и пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ
Не е соодветно од наша страна да коментираме изјави на нашиот стратешки партнер, со кој Македонија гради соработка изминатите три децении. Она што е клучно, е испратената порака дека се потребни важни разговори од кои сите инволвирани страни ќе имаат корист.
Ова денеска на прес-конференција го изјави Марија Митева, портпаролката и пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на прашање за денешното интервју на американската амбасадорка Ангела Агелер, во кое вели дека нема одново преговори за Преспа, ниту со Бугарија за на предокот кон Европската Унија, односно дека договорите веќе се направени, при што посочи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ уште на самиот почеток, првите пет дена од мандатот, како што рече, на дело покажа кој ќе биде фокусот, а тоа е растот на економијата, нови инвестиции, што, според неа, ќе придонесе кон подобар животен стандард стандард на граѓаните.
„Фокусот на оваа влада е реформски. Потребни се брзи реформи со цел враќање на реномето и угледот на нашата држава Македонија, затоа што сè досега од страна на СДС и ДУИ беше погазено и уништено“,
рече Митева.
Американската амбасадорка во земјава, Ангела Агелер, во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) на прашањето дали САД поттикнуваат нов дијалог меѓу Северна Македонија и Бугарија, по изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека е подготвен за преговори, како и по реакциите од страна на Грција за непочитување на Преспанскиот договор, одговори дека нема одново преговарање ниту за Преспа ниту со Бугарија, зашто договорите се веќе направени и нема одново преговарање за напредок кон ЕУ.
„Нема одново преговарање на Преспа, нема одново преговарање за напредок кон ЕУ. Тоа е многу јасно. Има разлика што се кажало во кампањите, што се кажало низ години, а што сега за да се оди напред. И силно се надеваме дека е направен прогрес, дека тие стари употреби или терминологии може да се остават на страна и дека соседите, сеедно кој, почнувајќи од Северна Македонија, ќе може да имаат важни разговори од кои сите инволвирани ќе имаат корист. Се надеваме дека тоа ќе го видиме“,
вели Агелер.
Според неа, САД се многу задоволни што новиот премиер и неговите министри кажаа „Северна“ во заклетвата и посочи дека тоа е од клучна важност и е фундаментален дел од Договорот од Преспа и сега многу внимателно ќе следат како се почитува.
Прашана за став околу очекувањата на граѓаните од новата влада, Агелер вели дека треба да се следи пораката што народот ја испрати на последните избори, дека мнозинството сака да види промени.