Бевме многу задоволни што новиот премиер и неговите министри кажаа „Северна“ во заклетвата, тоа е од клучна важност и е фундаментален дел од Договорот од Преспа и сега многу внимателно ќе следиме како се почитува, нагласи Агелер
Нема одново преговарање, договорите се веќе направени вели амбасадорката на САД, Анџела Агелер, во интервју за Радио Слободна Европа, прашана дали САД поттикнуваат нов дијалог меѓу Северна Македонија и Бугарија по најавите од премиерот Мицкоски дека е подготвен за преговори, како и по реакциите од страна на Грција за непочитување на преспанскиот договор.
„Нема одново преговарање на Преспа, нема одново преговарање за напредок кон ЕУ. Тоа е многу јасно. Има разлика што се кажало во кампањите, што се кажало низ години, а што сега за да се оди напред. И силно се надеваме дека е направен прогрес, дека тие стари употреби или терминологии може да се остават на страна и дека соседите, сеедно кој, почнувајќи од Северна Македонија, ќе може да имаат важни разговори од кои сите инволвирани ќе имаат корист. Се надеваме дека тоа ќе го видиме“,
посочува Агелер.
Агелер нагласува дека САД се многу задоволни што новиот премиер и неговите министри кажаа „Северна“ во заклетвата. Според неа, тоа е од клучна важност и е фундаментален дел од Договорот од Преспа и сега многу внимателно ќе следат како се почитува.
Прашана за став околу очекувањата на граѓаните од новата влада, Агелер вели дека треба да се следи пораката што народот ја испрати на последните избори, дека мнозинството сака да види промени.
„Новата влада јасно кажа за време на кампањата кои промени смета дека се потребни. И сега е одговорност, мислам, на секој граѓанин во оваа земја и на сите нас да ги држиме за збор, да се види дали се совпаѓаат активностите со изјавите дадени за време на кампањата. Зборуваа за справување со корупцијата, зборуваа за раст на економија, зборуваа за енергија и инфраструктура, за важноста на образованието и здравството за секој граѓанин на оваа земја. И ќе следиме внимателно, знам дека и сите вие ќе следите како овие ветувања ќе се претворат во акции и резултати за граѓаните на Северна Македонија“,
порача Агелер.

Фото: РСЕ
Во однос на најавите за распуштање на Судскиот совет, амбасадорката вели дека треба да се разгледа секоја идеја со цел да се отстрани политизацијата во пополнувањето на овие совети.
„Што е конкретниот предлог за пополнување на овие позиции мислам дека она што е од помош што веќе има патоказ од ЕУ во извештајот. Има солидни предлози за оние што доаѓаат од ЕУ да го видат Судскиот совет и другите судски институции и дадат препораки како тоа да се спроведе според ЕУ-стандардите. Во крајна линија има патоказ и сега чекаме да го видиме планот и како ќе се спроведе. Но дали оваа земја и сите ние за бенефит на судскиот систем тука треба да се отстрани политиката од судството и одговорот многу јасен – да“,
вели амбасадорката на САД.