Сите информации што се добиваат, според надлежните во ЦУК, соодветно се селектираат и се пренесуваат до останатите надлежни служби и институции, како и до локалните самоуправи
Од УХМР информираат дека променливо облачно време ќе се задржи до утре, петок, до кога се очекува нестабилно и свежо време со пороен дожд и грмежи
Поплавени подруми, дворови, куќи и објекти, како и паднати дрва и бандери, откачени лимови и олуци, но и оштетени покриви и автомобили е сликата од синоќешното невреме кое прво го погоди Тетовскиот Регион, а потоа Скопско и Кумановско, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Оттаму велат дека на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 поради штетите предизвикани од невремето биле добиени повеќе пријави, но и, како што велат, сè уште се пријавуваат штети, од Тетовскиот, Скопскиот и Кумановскиот Регион.
„Се пријавуваат поплавени дворови, подруми, куќи, објекти, паднати дрвја, бандери, столбови, оштетени куќи, откачени лимови, олуци, оштетени покриви, оштетени автомобили и слично“,
велат од ЦУК.
Сите информации што се добиваат, според надлежните во ЦУК, соодветно се селектираат и се пренесуваат до останатите надлежни служби и институции, како и до локалните самоуправи.
Според скопскиот ЦУК, како последица од невремето од Скопје, доставени се шест пријави за паднати или навалени дрвја, шест за скинати проводници, навалени бандери и други проблеми со електрични и телефонски кабли, осум за поплавени куќи, 12 за поплавени подрумски простории и гаражи, пет за поплавени улици, три пријави за проблеми во снабдувањето со електрична енергија, четири за оштетени покриви, скршени стакла и откачени лимови и олуци од куќи и згради, како и четири пријави за оштетени патнички моторни возила.
Невремето што го зафати Кумановскиот Регион, според Регионалниот ЦУК Куманово, пристигнале голем број пријави за паднати дрва и поплавени улици во повеќе населби, а и за поплавени површини, дворови, подрумски простории и приземни објекти и куќи.
Регионалниот ЦУК Тетово известува дека по обилните врнежи се добиени податоци за блокиран локален пат за селото Вејце на Шар Планина, како и патот кај тетовската касарна што е преполн со вода и каде што имало едно заглавено возило, имало запушени канализации во горниот дел од градот и во Голема Речица, како и дека голема количина вода има навлезено во приватни куќи во дворови и подруми.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, невремето е предизвикано од интензивна нестабилна воздушна маса, проследена со обилен и интензивен пороен дожд, засилен ветер и појава на град.
„Невремето имаше правец на движење од западниот кон источниот дел од Градот Скопје. Околу Скопската Котлина и околу Куманово имаше неколку развиени јадра на невремето, различни по интензитет и силина“,
велат од УХМР.
Оттаму велат дека променливо облачно време ќе се задржи до утре, петок, до кога се очекува нестабилно и свежо време со пороен дожд и грмежи.
„Утре на повеќе места ќе има појава со невреме со обилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и град. За време на викендот времето ќе биде стабилно и потопло, а од понеделник следната недела повторно се очекува локален пороен дожд и грмежи“,
информираат метеоролозите.
На граѓаните им се препорачува, според синоптичарите, да бидат внимателни пред и за време на најавените метеоролошки нестабилности.
Од ЦУК, пак, ги предупредуваат граѓаните кога ќе имаат животозагрозувачки ситуации да ги пријавуваат на Единствениот повикувачки број 112, како и да ги следат препораките и информациите од медиумите за превенција и за реагирање при итни случаи.
Тетово и Скопје во неделата на 23 јуни беа зафатени од силно невреме кое предизвика значителни материјални штети.