Бојан Јовановски-Боки 13 тврди дека лично од тогашниот премиер Зоран Заев дознал дека странски служби и обвинител имаат предмет против него и Катица Јанева уште на 3 април 2019.
Во продолжение на неговото денешно сведочење пред судот, тој праша зошто Орце Камчев не го пријавил случајот директно кај Вилма Русковска, туку прво кај тогашниот премиер.
„Она што е многу важно да се знае е дека самата обвинителка Вилма Русковска во јавен настап кажа дека уште во јануари комуницирала со Камчев. Како може Камчев да нема доверба и да го пријави случајот кај неа дури на 2 мај 2019? Не е тоа, туку со овој случај се тргуваше зашто ова беше предмет на уцена. На Катица Јанева ѝ беше кажано или ќе даде оставка или ќе следува ова што денеска се случува“,
тврди Боки.
За Заев рече дека на 3 април 2019 година бил гостин во емисијата на 1ТВ „Печат на неделата“, а по емисијата бил во канцеларијата на Боки.
„По емисијата беше во мојата канцеларија и ми кажа дека мене ме следеле странски служби, исто и Катица и дека не знаел што ќе прави и дека состојбата е многу сериозна“,
сведочеше Боки велејќи дека бил исплашен и изманипулиран дека странски обвинител има сѐ за него.
Од оваа дистанца, вели Боки, знае дека тоа било лага.
За конструкцијата на случајот, според Боки, на Камчев му помогнало лице по име Радивоје од Бугарија кое му кажало како да снима, а потоа таквиот случај го презентирале во кабинетот на Заев.
„Знаејќи што се прави, јас ѝ се јавив на Вилма Русковска и ѝ реков ако имаш нешто мене да ме прашаш, ти стојам на располагање. Во исто време почнува пропаганда од страна на Бранко Героски со измислени имиња. Јас бев Коки. Тука доаѓаме и до тоа што ниеден од тие текстови не се обвистини, но почна да се создава таква слика“,
рече Боки.
Понатаму во сведочењето го спомена и актуелниот премиер Оливер Спасовски тврдејќи дека му кажал оти го снимаат.
„Да се види комуникацијата со Оливер Спасовски, зашто јас прв пријавив дека сум сниман кај него во кабинетот, во периодот од 14 до 25 април”,
рече Боки образложувајќи зошто бараше Спасовски да сведочи.
Споменувајќи ги имињата кои му беа одбиени како сведоци, Јовановски рече и дека предлагал Венко Филипче да сведочи зашто на средби со Камчев се зборувало за некакво јавно-приватно партнерство.
Боки уште еднаш во овој дел од своето сведочење спомена зошто, според него, е конструиран предметот „Рекет“, напоменувајќи го и тоа за да се уништи СЈО, што било од интерес и на власта и на опозицијата.
„Поради личниот амонизитет на Русковска кон Јанева, поради за спас на Камчев, како резултат на параполициско-разузнавачка незаконска акција, бидејќи Милески има своја параполициска структура во оваа држава, поради интерес на подземјето, поради рушење на 1ТВ, рушење на СЈО, што беше од интерес и на власта и на опозицијата, и самиот тогашен премиер Зоран Заев имаше интерес да го снема СЈО. Зошто го тврдам тоа? Затоа што тоа ги има во мојот телефон“,
зборуваше Боки.
Тој порача дека обвинението за „Рекет“ е олицетворение на спрегата меѓу власта, Орце Камчев и Зоран Милески.
Сведочењето на Боки трае веќе неколку часа. Започна утрово околу 10 часот, а може да трае уште неколку часа, со оглед на тоа што Боки напомена дека има уште многу да каже.
*Поврзани вести
Боки тврди: Не сум ја допрел торбата „луј витон“, Милески еден-два дена подоцна ја врати кај Камчев
Боки: Кичеец ми кажуваше дека неколку пати со Ана Камчева бил во кабинетот на Заев
Судот одби Заев, ексдиректорот на УБК и уредници од 1 ТВ да сведочат во „Рекет“
„Рекет“: Катица Јанева го тужела Боки за неовластено снимање