Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Димовски од СПМ, Иван Стоиљковиќ од ДПС, Изет Меџити од Демократското движење и Арбен Фетаи од крилото на Тараври во Алијанса за Албанците се предложени за заменик-претседатели во владата на мандатарот Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на влада, Христијан Мицкоски, попладнево во Собранието ја поднесе програмата за работа на владиниот кабинет што го предлага, како и списокот на членовите што ќе ја сочинуваат со нивните биографии.
Соопштувајќи го повторно составот на иднината влада, она што веднаш паѓа в очи е бројот на вицепремиери што Мицкоски ќе ги има околу себе на овалната маса за седници во зградата на Владата на Илинденска број 2.

Според имињата на предлозите за членови на владата, Мицкоски ќе има пет заменици, односно вицепремиери, иако се очекуваше тие да бидат четворица.
Тројца од вицепремиерите се од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од кои еден е од оваа партија, а двајца се од помалите коалициски партнери. Преостанатите двајца заменици-претседатаели на владата доаѓаат од коалицијата „Вреди“, која ВМРО-ДПМНЕ ја избра за свој партнер од албанскиот политички блок.
Така, како што соопшти мандатарот на прес-конференцијата по поднесувањето на програмата и списокот на членови, членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, ќе биде министер за транспорт и вицепремиер. За заменик-претседател на владата е предложен и Љупчо Димовски од Социјалистичката партија, кој ќе биде задолжен за политички систем. Трет предложен за вицепремиер и министер за односи со заедниците е Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите.
Лидерот на Демократското движење, Изет Меџити, е предложен за министер за животна средина и просторно планирање, како и заменик-претседател на владата, а министер без ресор и вицепремиер задолжен за добро владеење ќе биде Арбен Фетаи од крилото на Арбен Таравари во Алијанса за Албанците.
Другите предлози за министри се истите што веќе Мицкоски и неговите коалициски партнери за состав на новата влада од „Вреди“ и од движењето ЗНАМ ги обзнанија во јавноста.
Како што и се очекуваше, за министер за здравство е предложен актуелниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари.
Мицкоски на прес-конференцијата кажа оти очекува предлог-составот и програмата за работа на новата влада да бидат ставени на дневен ред пред пратениците претстојниот викенд, односно на 22 и 23 јуни, колку што би требало, како што додаде, да трае дебатата во рамките на законодавниот дом.
Мандатарот изјави дека граѓаните очекуваат брзи резултати, а на владата да го испорача она што го ветуваа во предизборието, што, како што кажа Мицкоски, не било многу, но ветиле дека Македонија ќе биде вратена назад на граѓаните, откако седум години била заробена од една мала група властодршци.
За предложените членови на владата рече дека станува збор за луѓе коишто се исклучително мотивирани веднаш да постигнат резултати.
„И јас очекувам дека секој еден од нив максимално ќе се заложи, ќе даде и повеќе од својот личен капацитет да направиме нешто за нашите граѓани. Тие тоа го заслужуваат, бидејќи тие своето го направија, сега е на ред ние да направиме нешто за нашите граѓани“,
рече тој.
Кажа дека очекува бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата од секаков вид, а не само политички.
„За политичкиот не сакам ни да зборувам. Нема да има толерирање без разлика од која политичка партија доаѓа било каква злоупотреба и овластување на било кое именувано лице, доколку истото биде дел од било какви криминални или коруптивни скандали за коишто постојат докази, се разбира. Истовремено сериозно планираме да расчистиме со сомневањата, информациите кои што посебно изминатиов период и доказите стигаат до нас за многу злоупотреби кои што се случувале изминативе седум години, тоа им го должиме на граѓаните и лично тука ќе се заложам“,
рече мандатарот на прес-конференцијата.

Очекувања за брзи резултати Мицкоски има и за економијата каде што, како што рече, бизнисот ќе може да се чувствува сигурен бидејќи ќе има цврста и стабилна влада која ќе го охрабрува бизнисот да вложува во проширување на своите капацитет и да вработува што е можно повеќе наши граѓани.
„А ние како влада се разбира ќе продолжиме односно ќе бидеме нивен сервис за остварување на нивните права и зголемување на нивното бизнис портфолио. Младите ќе бидат наш главен акцент исто така. Сведоци сме дека имаме класичен егзодус на млади луѓе кои што ја напуштаат Македонија и својата иднина ја бараат некаде далеку од овде. За жал, 8 од 10 мои студенти кои ќе ги прашате после дипломирањето каде понатаму велат одлучивме да ја напуштиме Македонија бидејќи овде нема перспектива, нема иднина, тоа треба да се промени, таа состојба и перцепција треба да се промени, како, само со напорна работа, да го оставиме срцето на терен, да немаме поделба на граѓани од прв ред и граѓани од втор и трет ред, односно сите да се чувствуваат подеднакво“,
кажа Мицкоски.
Тој порача дека доаѓаат подобри времиња за граѓаните, за земјоделците, за пензионерите и дека владата ќе почне офанзивно и дека нема да изневери довербата на граѓаните дадена на изборите.
„Почнуваме офанзивно и мислам дека, да бидам по прецизен, сигурен сум дека нема да ја изневериме довербата која што оваа коалиција ја доби од повеќе од 600 илјади граѓани кои што гласаа за истата, но истовремено сигурен сум дека нема да ги изневериме и очекувањата на сите граѓани кои што, без разлика дали гласале за нас или не гласале за нас и за оваа коалиција. Знам дека тие сега имаат големи очекувања и убеден сум дека тие очекувања ќе ги испорачаме, односно ќе го испорачаме сето она кое што го ветувавме“,
кажа Мицкоски.
На крајот од своето обраќање изрази благодарност и ги повика медиумите внимателно и критички да ја следат работата на идната влада.
„Ние сме тука да даваме одговор на вашите критики, да ги слушнете и нашите аргументи се разбира и се надевам дека ќе имаме успешна и искрена соработка во годините кои што следат“,
порача мандатарот на состав на идната влада.