Се работи за кратко видео со кое Министерството за внатрешни работи ќе им се заблагодари за придонесот на полициските службеници, здравствените работници, припадниците на армијата и сите други што се вклучени во справување со пандемијата со коронавирусот, а не за луксузирање, вели министерот за внатрешни работи Наќе Чулев во интервју за порталот „Фактор“, во врска со видеоспотот што пред неколку дена се снимаше, за што имаше повеќе реакции во јавноста, за луксузирање во време на криза.

„Уште еднаш потенцирам дека не станува збор за никаква злоупотреба на полициските сили, туку за еден мал гест со кој ќе заблагодариме за жртвата и истовремено ќе се подигне нивниот морал. Дополнително, потенцирам дека со снимањето на конкретното видео не беа нарушени тековните активности на полициските службеници. Во конкретниот случај, станува збор за уште едно непотребно политичко поентирање и собирање на политички поени на грбот на полициските службеници. Важно е јавноста да знае дека дозволено е снимање и промовирање на полициски служби и истото е препорачано од страна на Комитетот на министри при Советот на Европа и таа препорака како држава сме обврзани да ја применуваме“,
вели Чулев за Фактор.
Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, денеска преку Фејсбук повторно побара одговор од Чулев: Колку чинел спорот и кој го снимал, како што вели „злоупотребувајќи ги полицајците и полициските возила за себепромоција“.
„Веќе цели два дена молк од Наќе Чулев. Додека сите се солидаризираме и донираме, помагаме, тој по насоки на ВМРО-ДПМНЕ снимаше спот, злоупотребувајќи ги полицајците и полициските возила за себепромоција. Останаа без одговор прашањата: Колку чинеше спотот на Чулев платен од пари на граѓаните за време на пандемијата? Која агенција го снимаше и како таа беше ангажирана?“,
напиша Костадинов на Фејсбук.