Денеска беа регистрирани 13 нови случаи на ковид-19 во земјава, а од нив најмногу во Велес – 5. Од нив, еден е жител на Оштина Чашка.
Со тоа, бројката на досега дијагностицирани во Велес изнесува 85, а во општина Чашка тројца, информираат од Центарот за јавно здравје од Велес. Четворица од новозаболени кои денеска влегоа во статистиката за Велес се од кластер на конфекциска куќа.
Според информацијата од Центарот за јавно здравје, во моментот во градот активни се 40 случаи со ковид-19 во градот.
Од Центарот за јавно здравје оценуваат дека состојбата во градот е симптоматична и апелираат до граѓаните да бидат внимателни каде се движат и да ги почитуваат препораките со цел да се спречи ширењето на вирусот.
На Инфективното одделение во велешката Општа болница моментално се хоспитализирани 18 пациенти од кои кај 15 е потврдени присуството на вирусот, а за тројца се чекаат резултатите од тестирањето.
Според портпаролката на болницата Весна Неделковска – Николова, од болницата пуштени се четворица излекувани пациенти со што вкупната бројка на излекувани пациенти изнесува 23.
Неделковска-Николова информира дека еден пациент на 73 годишна возраст во тешка состојба денеска е препратен на натамошно лекување на Инфективната клиника во Скопје.
Според Неделковска-Николова, состојбата во Велес е загрижувачка што се должи на непочитувањето на препораките од страна на дел од граѓаните. Апелира да се почитуваат препораките за заштитна маска и дистанцирање од најмалку два метра.
