„Отсекогаш сме ја имале истата филозофија, да им помогнеме на Украинците да се борат“, вели францускиот претседател
Франција ќе испрати борбени авиони „мираж 2000“ во Украина, а украинските пилоти ќе добијат обука за да управуваат со нив од страна на француската армија.
Ова за француските медиуми го најави претседателот на Франција, Емануел Макрон, посочувајќи дека оваа испорака ќе придонесе кон значително зголемување на директната воена поддршка на неговата земја за Киев.

„Ќе започнеме нова соработка и ќе го објавиме трансферот на млазни авиони ‘мираж 2000’, кои ќе ѝ помогнат на Украина да го заштити своето небо“,
рече тој.
Според неговите најави, украинските војници уште во текот на наредните месеци ќе добијат обука во Франција.
„Отсекогаш сме ја имале истата филозофија, да им помогнеме на Украинците да се борат“,
вели Макрон.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски од вчера е во посета на Франција, каде што учествува на 80-годишнината од комеморациите на Денот Д, каде што присуствуваат ветерани и светски лидери од сојузничките нации за да ја одбележат комеморацијата за сојузничката инвазија на Нормандија во 1944 година. Таму, тој повторно побара дополнителна поддршка и помош од западните земји.
Зеленски утре треба да се сретне со француските производители за одбрана, ќе се обрати пред француското национално собрание, а предвидена е и средба со францускиот претседател Макрон.
Инаку, Макрон потврди и дека француски државјанин е уапсен во Русија под сомнение за шпионажа.
Рускиот претседател Владимир Путин, критикувајќи ја одлуката на одредени западни земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија и Германија, да ѝ дозволат на Украина да го користи нивното оружје за да гаѓа цели во Русија рече дека Русија може да ги искористи сите расположливи средства за да се одбрани доколку биде загрозен нејзиниот суверенитет или територијален интегритет.
Изминатиот период украинската војска се бори да ја запре руската инвазија во источните региони Харков и Донецк.
Руската војска има за цел да го искористи недостигот на муниција на украинската војска вдолж линијата на фронтот од околу 1 000 километри.