По денешното гласање, Судскиот совет ќе ги пополни двете празни места од редовите на судиите кои беа празни точно една година по оставките на Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимоваки кои на ваков чекор се одлучија по контроверзното разрешување на претседателката на Советот, Весна Дамева
Врховниот судија Исамедин Лимани и судијата од Апелациониот суд Битола, Александар Камбовски, се нови членови на Судскиот совет по денешното гласање за избор на двајца членови на Советот од редот на судиите.

Резултатите од денешното гласање на судиите од Врховниот суд и од оние од апелационото подрачје Битола на прес-конференција ги објави претседателот на Комисијата за спроведување на изборите, Сабхи Јакупи.
Од редот на врховните судии, Лимани добил седум гласа, а неговата единствена противкандидатка, судијката Цветанка Периќ, која најави дека ќе се повлече од трката, но, сепак, остана на гласачкото ливче, освоила два гласа.
На изборите за член на Судскиот совет од редот на врховните судии гласале вкупно 15-мина. Две ливчиња биле неважечки, а четири воопшто не биле искористени.
„Избран член на Судскиот совет од општата листа на кандидати од Врховен суд на Република Северна Македонија, според резултатите, е Исамедин Лимани, судија на Врховен суд на Република Северна Македонија“.
објави на денешната прес-конференција Сабхи Јакупи, претседател на Комисијата за спроведување на изборите.
Во однос на гласањето во апелационото подрачје Битола, предводник по број на освоени гласови е судијата Александар Камбовски од Апелациониот суд Битола – освоил 28 гласа.
Неговата противкандидатка и колешка од битолска апелација, судијката Татјана Суслеска добила 10 гласа, а за судијката Александра Поп Стефанија од Основниот суд Охрид гласале тројца.
„Избран член на Судскиот совет од редот на судиите од општа листа на кандидати од апелационото подрачје Битола, според гласањето, е Александар Камбовски кој добил најмногу гласови во однос на другите кандидати“,
објави Јакупи.
На денешните избори за член на Судскиот совет од редот на апелационото подрачје Битола гласале вкупно 42 судии. Регистрирано е едно неважечко ливче, како и едно неупотребено гласачко ливче.
По денешното гласање, Судскиот совет ќе ги пополни двете празни места од редовите на судиите кои беа празни точно една година по оставките на Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимоваки кои на ваков чекор се одлучија по контроверзното разрешување на претседателката на Советот, Весна Дамева.
Судскиот совет брои 15 члена, од кои осум ги избираат судиите од своите редови.