Со неговата, бројот на кандидатури за претседател на СДСМ кои стигнаа на „Бихаќка“ во моментов изнесува четири, а на само неколку часа до истекот на рокот за кандидирање
Во внатрепартиската трка за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија влегува уште еден кандидат, откако членот на партијата Александар Бајдевски денеска во седиштето на СДСМ ја поднел својата кандидатура за највисоката партиска функција.

„Денеска во седиштето на СДСМ, кандидатура за претседател на партијата на внатрепартиските непосредни избори поднесе и Александар Бајдевски“,
соопштија од СДСМ на нивниот официјален фејсбук-профил.
Со неговата, бројот на кандидатури за претседател на СДСМ кои стигнаа на „Бихаќка“ во моментов изнесува четири, а на само неколку часа до истекот на рокот за кандидирање.
Вчера своите кандидатури за претседател на СДСМ официјално ги поднесоа ексминистерот за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски.
Инаку, Бајдевски е актуелен заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката влада во заминување.
Својата кандидатура за лидерската позиција во СДСМ тој ја најави во изјава за ТВ 24, во која рече дека неговиот тим се обичните членови.
„По разговорите со членството и сопратијците, решив да поднесам кандидатура за претседател на СДСМ. Мојот тим се обичните членови“,
изјави тој за телевизијата.
Како што објави ТВ 24, Бајдевски доаѓа од општинската организација на СДСМ во Аеродром. Бил на повеќе партиски функции, а во СДСМ е од 1995 година.
Денеска, во објава на социјалната мрежа Фејсбук, доскорешниот потпретседател на СДСМ и пратеник во новиот собраниски состав, Фатмир Битиќи соопшти дека нема да се кандидира за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, иако, како што пишува, знае дека тоа го очекуваат многу од неговите сопартијци, пријатели и симпатизери на партијата.
Причината за ваквата негова одлука, наведува Битиќи, е за да ја спречи понатамошната фрагментација и поларизација меѓу членството на партијата. Најавува и фракционерско или дејствување како група во рамките на СДСМ сè додека, како што наведува, кандидатот што ќе биде избран за претседател на партијата на дело не ги покаже сите оние вредности за кои тие се залагаат.
Постапката за кандидирање започна на 31 мај и трае до денеска. Право да поднесат претседателска кандидатура имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите, меѓу кои, да имаат најмалку петгодишно членство во СДСМ и најмалку еднаш да биле избрани од партискиот конгрес за член на некој од органите на партијата.
Внатрепартиските избори во СДСМ се закажани на 30 јуни, а следуваат по оставката на лидерот Димитар Ковачевски, кој по поразот на двојните избори поднесе оставка заедно со раководството на партијата. В недела, на 9 јуни, социјалдемократите ќе одржат отчетен конгрес на кој ќе се анализираат причините за изборниот резултат.