„Тенденцијата за дисциплинирање на судството преку јавни и општи пораки не помага во изградбата на владеење на правото, индивидуална одговорност треба да постои и тоа го поддржуваме во секој момент, денес и секогаш кога има прекршување“, вели министерот за правда во денешната реакција

Министерот за правда Кренар Лога со писмено соопштение реагираше на денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар Христијан Мицкоски, а која се однесуваше на писмото што Лога го испратил до официјален Брисел, Вашингтон и до дел од странските амбасади во земјава и во кое изразува загриженост дека реформите што ВМРО-ДПМНЕ ги најави уште пред изборите во својата програма ќе значат упад во правосудниот систем на државата.
Мицкоски денеска, прашан за коментар, рече дека засегнати од реформите во судскиот и обвинителскиот систем ќе бидат малкумина партизирани обвинители и судии кои негативно влијаат на своите колеги кои работат согласно Уставот и законите.
Лога во реакцијата вели дека времето кога политичките партии во Северна Македонија се однесувале како во свој приватен двор е завршено во 2017 година, и тоа, како што вели, благодарение на западната ориентација на земјата и процесот на интеграција координиран со Европската Унија.
„Документите што Северна Македонија ги има усогласено со Брисел се обврски што произлегуваат од таа агенда, како што се: Развојната секторска стратегија за правосудството 2024 – 2028 година, Патоказот за владеење на правото и Планот за раст на ЕУ“,
вели Лога во реакцијата.
Тој додава дека оценската мисија на ЕУ ги даде своите забелешки и препораки во врска со Судскиот совет и тие препораки од извештајот, вели Лога, се спроведуваат од страна на државните институции.
„Тенденцијата за дисциплинирање на судството преку јавни и општи пораки не помага во изградбата на владеење на правото, индивидуална одговорност треба да постои и тоа го поддржуваме во секој момент, денес и секогаш кога има прекршување“,
додава Лога.
Во писмото испратено до официјален Брисел, Вашингтон и до дел од странските амбасади во земјава, за кое вчера информираа од Правда, министерот Кренар Лога изрази загриженост поради најавата на ВМРО-ДПМНЕ, која партијата ја даде уште пред изборите, дека доколку дојде на власт, ќе ги распушти Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
Оценувајќи ги за избрзани и опасни, Лога во писмото вели дека најавите за распуштање на овие две тела ќе доведе до концентрација на моќта на трите власти кај една партија што, како што додава, ќе значи пресликување на состојбите од пред 2017 година, кои довеле до заробена држава.