„ЕУ сака дополнително да го зајакне своето стратешко партнерство со Мексико, градено на заеднички интереси во многу области и на заедничка посветеност на демократијата, човековите права и мултилатералниот глобален поредок заснован на правила“, се вели во честитката

Европската Унија (ЕУ) ѝ го честита историскиот избор на Клаудија Шејнбаум за прва жена претседател на Мексико. Во честитката упатена од високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел се вели дека ЕУ ја поздравува силната приврзаност на мексиканскиот народ кон демократијата демонстрирана во текот на кампањата и на денот на општите избори во земјата.
„ЕУ сака дополнително да го зајакне своето стратешко партнерство со Мексико, градено на заеднички интереси во многу области и на заедничка посветеност на демократијата, човековите права и мултилатералниот глобален поредок заснован на правила“,
наведува Борел во честитката упатена во името на ЕУ.
The EU congratulates @Claudiashein on her historic victory in Mexico’s Presidential election & the Mexican people for their strong commitment to democracy.
— Josep Borrell Fontelles (@JosepBorrellF) June 3, 2024
We look forward to working together w/ the new authorities & advancing our strategic partnership.https://t.co/D0aDP9ayCg
Борел во пораката додава и дека ЕУ со нетрпение очекува да работи со новоизбраните власти на Мексико за продлабочување на соработката за доброто на граѓаните на двете страни во сите области од заемен интерес, како што се економските односи, зелената транзиција, социјалната инклузивност, безбедноста и дигиталната агенда.
Честитка до Шејнбаум за изборот упати и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
„Со нетрпение очекувам да работам со вас на зајакнување на стратешкото партнерство ЕУ-Мексико, на нашите регионални врски и на модернизација на Глобалниот договор ЕУ-Мексико“,
вели Мишел во објава на платформата Икс.
Congratulations @Claudiashein on your election as President of Mexico, and on being the first woman to hold this position.
— Charles Michel (@CharlesMichel) June 3, 2024
I look forward to working with you to strengthen the EU-Mexico strategic partnership, our regional ties and to modernise the EU-Mexico Global Agreement.
По изборите што викендов се одржаа во Мескико, Клаудија Шејнбаум од левичарската партија Морена стана првата жена претседател.
Таа е поранешен градоначалник на Мексико Сити и силен сојузник на претседателот во заминување Андрес Мануел Лопез Обрадор.
Обрадор ѝ понудил да биде негов секретар за животна средина, што таа прифатила. Оттогаш таа е дел од неговиот тим водејќи ја неговата кампања и создавајќи политичка база за себе.
Минатата година поднела оставка од градоначалничката функција, со цел, како што изјавила, да се фокусира на кампањата за претседателка на Мексико.
Шајнбаум вети дека по изборите ќе продолжи да се надоврзува на успесите постигнати од Лопез Обрадор, дополнително надградувајќи ги програмите за социјална заштита, што го направија претседателот во заминување толку популарен во земјата.
