Јован Деспотовски, кој веќе објави дека ќе се кандидира за претседател на СДСМ, денеска на Фејсбук напиша дека во партијата официјално предложил кандидатите што ќе ја изгубат оваа трка да не прифаќаат друга партиска функција.
Деспотовски вели дека ова е во интерес на обезбедување транспарентна постапка за избор на претседател на СДСМ. Предлогот за дополнување на документите при кандидирање со потпишана ваква изјава, го доставил до централната изборна комисија на партијата.

„Со предложената изјава, секој од кандидатите се обврзува, во случај да не биде избран за претседател на СДСМ, да не прифати ниту една друга партиска функција на централно, ниту на локално ниво. Ги повикуваме сите претседателски кандидати да ја покажат својата посветеност на фер игра и интегритет со потпишување на оваа изјава. Преземајќи го ова ветување, кандидатите ќе покажат дека им даваат приоритет на она што е во интерес на луѓето, на нашите членови и државата пред личната корист, поставувајќи моќен пример за етичко лидерство. Оваа иницијатива не е само ветување за фер игра. Тоа е посветеност на вредностите на социјалдемократијата за кои се залагам и како член на СДСМ“,
вели Деспотовски.
Тој верува дека само со вакви, како што вели, конкретни и искрени постапки партијата може да покаже дека навистина ја разбрала пораката, а членството дека може да ја реформира партијата и да постави нов стандард за политичко однесување.
Покрај Деспотовски, дека ќе се кандидира за највисоката партиска функција јавно објави и Славјанка Петровска. Додека како можни кандидати се споменуваат и Стефан Богоев и Венко Филипче.