Во Србија денеска се одржуваат локални избори во Белград и во уште 89 градови и општини меѓу кои се Нови Сад, Ниш, Чачак, Ваљево и повеќето општини во Војводина. Граѓаните веќе гласаат на избирачките места што се отворени во 7:00 часот, а се затвораат во 20:00 часот

Во Белград има 1 602 112 запишани гласачи кои избираат 110 советници на градското Собрание, а ќе бираат и советници во сите 17 белградски општини.
На изборите нема да учествува значителен дел од опозицијата, чиј аргумент е дека власта не обезбеди еднакви услови за фер избори.
Локалните избори во Белград следуваат откако владејачката Српска напредна партија не успеа да формира мнозинство во градското собрание по изборите на 17 декември минатата година, за кои опозицијата тврди дека биле украдени со изборен инженеринг, миграција на гласачите и низа злоупотреби кои беа забележани од меѓународни набљудувачи, објави „Хрт.хр“.
Набљудувачката мисија на ОБСЕ (ОДИХР) им препорача на српските власти да го подобрат изборниот процес, особено уредувањето на избирачкиот список, еднаков пристап на опозицијата до медиумите итн.
Опозицијата, пред сè во Белград, е поделена за овие избори, а дел од опозициските партии нема да учествуваат со образложение дека власта не обезбедила фер услови за демократски изборен процес.
Истражувањето на агенцијата „Пулс на Србија“ покажа дека на денешните избори ќе гласаат 60,2 отсто од граѓаните на Белград, а опозициските гласачи се збунети и незадоволни од состојбата во која опозицијата ги дочекува повторените локални избори во Белград, особено што некои водечките опозициски партии и движења се откажаа од учество на избори. Нивниот аргумент е дека власта не обезбедила еднакви и правични услови.
1 581 локален и 156 странски набљудувачи ќе ја следат работата на Градската изборна комисија и избирачките одбори на денот на изборите.
Овие избори се значајни бидејќи резултатите ќе ја одредат идната политичка насока на главниот град на Србија, кој е клучен политички и економски центар на земјата.
