Возачот, кој заедно со сопатничката вчера загинаа во тешка сообраќајна несреќа кај Новска, Хрватска, непосредно пред кобниот судир со камион, во живо го пренесувал своето возење на Фејсбук, објави Дневник.хр.
На јавно објавеното видео се гледа дека тој вози автомобил бе-ем-ве на отворен пат со голема брзина и до 200 километри на час. Во автомобилот било и неговото двегодишно дете. Загинаа тој и 20-годишната сопатничка.
Двегодишното дете било примено во болницата во Нова Градишка, но поради тежината на повредите е пренесено во Клиничкиот центар во Загреб.
Како што пишува „24 сата“, станува збор за Еди Зџелар, млад човек кој пред пет години предизвикал сообраќајна несреќа со смртни последици. Тогаш, пишува порталот, како возач на комби во градот Ковачевац изгубил контрола над возилото, преминал на спротивната лента и удрил во бетонски мост. Починал маж, а од тежината на повредите во болница починала и трудница која тогаш имала 18 години.
*Насловна фотографија: принтскрин
