Сепак, како што се наведува, ќе останат ограничувањата за употребата на американското оружје со долг дострел, како што е армискиот тактички ракетен систем

САД ѝ дозволија на Украина да користи американско оружје за да напаѓа цели во Русија, но само во близина на границата со областа околу украинскиот град Харков, пренесува Ројтерс цитирајќи неименуван американски претставник.
„Претседателот неодамна му наложи на својот тим да се осигура дека Украина ќе може да го користи американското оружје во регионот на Харков за да им возвраќа на руските сили што ја напаѓаат или се подготвуваат да ја нападнат“,
изјавил претставникот.
Одлуката претставува промена во ставот на претседателот Џо Бајден, кој досега одбиваше да му дозволи на Киев да користи американско оружје за напади на руска територија, пренесува Гласот на Америка.
Сепак, како што се наведува, ќе останат ограничувањата за употребата на американското оружје со долг дострел, како што е армискиот тактички ракетен систем.
„Нашата политика во однос на забраната за употреба на армискиот тактички ракетен систем или удари со долг дострел внатре во Русија не е променета“,
додал претставникот.
Одлуката на Бајден уследи по повиците на американските сојузници во Европа, вклучително и Обединетото Кралство, Германија и Франција, како и генералниот секретар на НАТО, Украина да може да користи оружје обезбедено од Западот против воени цели во Русија. Белата куќа беше под притисок и од поддржувачите на Украина во двете партии во Конгресот.
Утринава руски ракети погодиле три локации во Харков при што најмалку три лица загинаа, а 16 се ранети, пренесе Ројтерс.
Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, изјави дека во областа имало неколку удари по првиот удар и пријавил серија експлозии.
Градот, инаку, го издржа рускиот напредок во првите недели од инвазијата, но во последните недели постојано е под силни руски напади.
Харков, вториот по големина град во Украина, е на 30 километри од границата со Русија.