Според Изборниот законик, функцијата пратеник или министер е неспојлива со функцијата градоначалник и со член на совет во општината и Градот Скопје
Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, одлучи да се повлече од градоначалничката функција во Сарај и да ѝ се посвети на пратеничката работа како дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ поради што во оваа општина ќе треба да се одржат предвремени локални избори. На Беџети вчера му беше верификуван пратеничкиот мандат во Собранието, по што на својот Фејсбук профил ги извести жителите на Сарај дека ќе биде нивниот глас во парламентот.
„Почитувани граѓани на Општина Сарај и пошироко, ве информирам дека од денес започнува моето ново патување како пратеник, ваш глас во Собранието на Република Северна Македонија. Ви благодарам што ме поддржавте на локалните избори за да ја раководам Општина Сарај и ви благодарам што и сега ме поддржавте за да ве претставувам во Собранието. Ветувам дека ќе бидам глас на волјата на народот и ќе докажам дека легитимитетот од албанските гласачи му припаѓа на ‘Европскиот фронт’. Продолжуваме да бидеме обединети за добро на граѓаните, за европска држава и за подобар економски развој“,
напиша Беџети на Фејсбук.
Инаку, Блерим Беџети е поранешен министер за правда и висок функционер на ДУИ. Тој минатата година беше еден од лидерите на „огнената група“ на ДУИ која побара реформирање на партијата, но по извесно време соопшти дека се враќа во „старото јато“ велејќи дека низ разговор се надминати недоразбирањата.
Од редот на градоначалниците, за пратеник во новиот парламентарен состав беше избран и Билал Касами од Тетово.
Претседателот на Движењето Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами, до Собранието достави изјава дека се откажува од пратеничкиот мандат и побара истиот да не му биде верифициран, односно, тој одлучи да остане да ја извршува градоначалничката функција.
Името на градоначалникот на Гостивар, пак, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, се погласно се спомнува како иден министер за здравство. Прашан за тоа дали ќе биде министер, Таравари вчера на ТВ Канал 5 рече дека во следните неколку денови ќе одлучи дали ќе ја прифати оваа функција. Доколку Таравари прифати да биде министер, предвремени локални избори ќе се одржат и во Гостивар.
Покрај на Таравари, и името на градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, се поврзува со извршната власт, односно тој се спомнува како можен иден министер. Доколку Муцунски стане министер, и Аеродром ќе остане без градоначалник по што предвремени локални избори ќе треба да се одржат и во оваа општина.
Според Изборниот законик, функцијата пратеник или министер е неспојлива со функцијата градоначалник и со член на совет во општината и Градот Скопје.
Законот за локална самоуправа, во случај кога престанува мандатот на градоначалникот, предвидува распишување на предвремени локални избори во таа општина. Предвремените избори за членови на совет и за градоначалник нема да се спроведат ако до редовните избори има помалку од шест месеци, што не е случај сега бидејќи редовните локални избори треба да се одржат во октомври 2025 година.