Пратениците од „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, другиот политички претставник на Албанците, ја напуштија пленарната сала каде што се одржува конститутивната седница на новиот собраниски состав
Довчерашниот претседател на Алтернатива, која е дел од коалицијата „Вреди“, Африм Гаши, и формално е предложен за претседател на законодавниот дом на денешната конститутивна седница.
За функцијата спикер на законодавниот дом Гаши е предложен со потписи од 75 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
За потсетување, поради кандидатурата за претседател на Собранието Африм Гаши, како што беше соопштено вчера, се повлече од лидерската функција во Алтернатива.
Од друга страна пратениците од „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, другиот политички претставник на Албанците, ја напуштија пленарната сала каде се одржува конститутивната седница на новиот собраниски состав.
Лидерот на Демократското движење Изет Меџити, како дел од коалицијата „Вреди“ и предлагач на кандидатот за претседател на новиот парламентарен состав, рече дека Гаши е пратеник осум години и дека станува збор за политичар за кој нема никаква дамка и кој не се споменува во коруптивни случаи.
„Чест е за сите нас Собранието да го води ваков политичар“,
рече меѓу другото Меџити.
Претходно, во рамките на конститутивната седница беше избран составот на Комисијата за прашања за именувањата и изборите.
Собранието денеска со 101 глас „за“ од вкупно 117 присутни го усвои извештајот на Верификационата комисија и со тоа ги верифицира мандатите на 118 пратеници.
Се верификувањето на мандатите на членовите на овој парламентарен состав им престана мандатот на пратениците од претходниот. Исто така, функцијата им престана и на новите пратеници кои се носители на други функции. На вкупно шест пратеници им прекинува функцијата во Владата заради што таа ќе ги извршува само техничките функции до изборот на нова.
Талат Џафери, кој ја извршува функцијата премиер во техничката Влада, рече дека не може да има две функции во исто време и дека од таа причина нема да учествува во работата на Собранието до изборот на новата влада.
Пред почетокот на конститутивната седница на Собранието, Ријад Шаќири од коалицијата „Вреди“ изјави дека за изборот на Африм Гаши за претседател на законодавниот дом ја очекуваат поддршката и од Демократската унија за интеграција.
„Природата на нештата покажа дека опозицијата секогаш гласала против изборите на мнозинството. Но, во случајов, кога ние како Алијанса бевме дел од Собранието, кога Талат Џафери беше избран за претседател на Собранието, ние дадовме поддршка, затоа што се работеше за претседател на Собрание, првпат Албанец, и очекуваме од нивна страна да има таква поддршка“,
рече Шаќири.
Претходно, пред да влезе во Собранието, Елми Азири од „Европскиот фронт“, не одговори на новинарските прашања дали ќе го поддржат Гаши.
„Сега ќе се сретнеме со пратеничката група и ќе заземеме став“,
рече тој.