„Мекиот пристап на Западот е последица на големите надежи дека Србија што поскоро ќе се приклучи на западниот демократски табор. Предолго чекавме за да имаме надеж“, вели косовскиот премиер
Европската Унија и САД се премногу меки и попустливи кон Србија. Ова го изјавил косовскиот премиер Албин Курти во интервју за „Фајненшл тајмс“ додавајќи дека Србија треба да застане на страната на Западот против Москва за да му даде гаранција на Косово дека е посветена на нормализација на односите.
Според него, и усогласувањето на надворешната политика на Србија со надворешната политика на ЕУ е од клучно значење, со цел да се создаде чувство на безбедност на Косово.

Косовскиот премиер посочи и дека треба да и се даде рок на Србија за да воведе санкции кон Русија.
„Кога Србија ќе воведе санкции кон Руската Федерација, тоа ќе биде момент кога ќе покажат дека сакаат да се интегрираат во ЕУ. Србија без Русија не може да ја загрози безбедноста на континентот. Тогаш може да верувам дека тие во основа сакаат мир“,
рече Курти.
Тој ја оправда минатонеделната акција на косовската полиција, која упадна во неколку филијали на банката „Поштанска штедионица“ на северот на Косово и заплени српски динари, чија употреба е забранета од пред неколку месеци.
Според него, Уставот на Косово предвидува само едно платежно средство.
Косовскиот премиер не одговори конкретно кога Приштина ќе ја повлече специјалната полиција од општините во северно Косово, но потенцираше дека Србија, како што додаде, ги намалува поплаките за нивното присуство.
Во интервју за „Фајненшл“ тајмс, Курти рече дека понекогаш има разлики во ставовите меѓу него и неговите европски и американски сојузници, особено кога, како што додаде, станува збор за стратегии, операции и тактики на теренот, но и кога се во прашање односите со Србија.
„Мекиот пристап на Западот е последица на големите надежи дека Србија што поскоро ќе се приклучи на западниот демократски табор. Предолго чекавме за да имаме надеж“,
изјави Курти.