Извршниот одбор, како што информираат од партијата, донел одлука за формирање работни групи за активна регистрација на членството за гласање на директните внатрепартиски избори, како и за организација на отчетен Конгрес на СДСМ

Идниот месец во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ќе се спроведат внатрепартиски избори за нов лидер откако доскорешниот, Димитар Ковачевски, официјално го потврди своето повлекување од претседателската функција на партијата.
Извршниот одбор на партијата на вчерашната седница донел заклучок дека по повлекувањето на Ковачевски почнуваат да течат статутарните рокови за организирање нови директни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ.
„Извршниот одбор ја задолжи Централната изборна комисија врз основа на Статутот на партијата да предложи правилник со предлог-роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори во текот на месец јуни во транспарентна и демократска постапка“,
се наведува во денешното соопштение од СДСМ.
Оттаму додаваат дека постапката за нови непосредни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ ќе ја спроведе избраната Централната изборна комисија, во истиот состав, која согласно Статутот сè уште има мандат.
Извршниот одбор, како што информираат од партијата, донел одлука за формирање работни групи за активна регистрација на членството за гласање на директните внатрепартиски избори, како и за организација на отчетен Конгрес на СДСМ, согласно Статутот.
Од СДСМ велат дека покрај лидерот, оставки од функциите имаат поднесено и членовите на Извршниот одбор, раководството на СДСМ, заменик-претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организацискиот секретар и секретарот за меѓународна соработка.
Ваквиот пример, велат од партијата, треба да го следат и членовите на Централниот одбор како морален чин на одговорност.
Откако Димитар Ковачевски се повлече од лидерската позиција, сите претседатели на Општинските организации и претседателот на Градската организација се во оставка со оглед на фактот дека се именувани од страна на претседателот, а нивната функција ќе ја извршуваат до избор на нови.
Повлекувањето на Ковачевски, за кое вчера информира, следува по изборниот неуспех на СДСМ на претседателските и парламентарните избори пред две недели, по кои претседателот најави избор на нов партиски лидер и раководство.
Во дописот што Ковачевски го доставил до Извршниот одбор и до претседавачот на Централниот одбор, тој вели дека повлекувањето од лидерската позиција во партијата е високо морален чин во контекст на изборниот пораз на СДСМ и врз основа на, како што вели, пасивноста на дел од членовите и симпатизерите на партијата, вклучително и најголемиот дел на избраните и именуваните функционери на централно и на локално ниво.
За лидерската позиција во СДСМ деновиве во јавноста веќе се спомнуваат можните кандидати. Во игра се Венко Филипче, Петре Шилегов, Стефан Богоев, Јован Деспотовски, Игор Ивановски…
Пред неколку дена актуелната министерка за одбрана Славјанка Петровска најави дека размислува да влезе во трката за нов лидер на СДСМ.