Освен за израелскиот премиер и водачот на Хамас, Меѓународниот кривичен суд бара налози за апсење и за израелскиот министер за одбрана и уште тројца водачи на Хамас
Меѓународниот кривичен суд бара налози за апсење на водачот на Хамас, Јахја Синвар, и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху под обвинение за воени и злосторства против човештвото поради нападите врз Израел на 7 октомври и последователната војна во Газа, изјави главниот обвинител на Судот, Карим Кан, за Си-ен-ен.

Освен за Нетанјаху и Синвар, Судот во Хаг бара налози за апсење и за израелскиот министер за одбрана и уште тројца водачи на Хамас. Обвиненијата против Нетанјаху и израелскиот министер за одбрана Јоав Галант вклучуваат „предизвикување истребување, предизвикување гладување како метод на војна, вклучително и одбивање на хуманитарна помош, намерно таргетирање цивили во конфликтот“.
Обвиненијата против водачите на Хамас, пак, вклучуваат: „истребување, убиство, земање заложници, силување и сексуален напад во притвор“.

Одлуката на Судот во Хаг против израелски политичари, пишува Си-ен-ен, е првпат на тапет да биде ставен главниот лидер на близок сојузник на САД. Ова го става Нетанјаху во друштво на рускиот претседател Владимир Путин, по кого Судот во Хаг издаде налог за апсење поради војната на Москва против Украина.
Израел и Соединетите Американски Држави не се членки на Меѓународниот кривичен суд. Сепак, Судот тврди дека има јурисдикција над Газа, Источен Ерусалим и Западниот Брег, откако палестинските лидери формално се согласија да бидат обврзани со принципите на Судот во 2015 година.