Обвинителот побара притвор за осомничениот да не избега или да го повтори делото, а по сослушувањето, судот не се согласи со писмените гаранции на Цинтула, ниту со предлогот тој да се брани додека е на слобода под надзор
Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување, денеска му одреди притвор на 71-годишниот Словак Јурај Цинтула, кој на 15 мај во градот Хандлова со пет истрели го застрела премиерот Роберт Фицо и тешко го рани во стомакот.
Обвинителот побара притвор за осомничениот да не избега или да го повтори делото, а по сослушувањето, судот не се согласи со писмените гаранции на Цинтула, ниту со предлогот тој да се брани додека е на слобода под надзор.
Цинтула го погоди премиерот со четири од пет куршуми кога тој им пријде на приврзаниците по владината седница во Хандлова, во централна Словачка, за да се поздрави со нив.
Цинтула веднаш беше уапсен. Од полицијата до медиумите протече видео во кое тој вели дека пукал во премиерот затоа што не му се допаѓаат политиките на неговата влада поради промените во судството, обидот за контрола на јавниот сервис РТВ и суспензијата на помош за Украина.
Но, адвокатите предупредија дека признавањето на вината е под прашање бидејќи веднаш по атентатот и апсењето бил сослушан во шок, без присуство на адвокат.
Министерот за внатрешни работи Матус Шутај Ешток рече дека напаѓачот немал соучесници – дека е „самострелец“, дека е очигледно оти нападот врз премиерот е политички мотивиран, а Цинтула веќе присуствувал на демонстрациите против владата во градот Долна Крупа.
Јурај Цинтула од градот Левице, малку познат поет кој основал локален литературен клуб, своевремено бил пацифист кој неуспешно го основал „Движењето против насилството“ и ги повикал Словаците да протестираат на улиците мирно, без насилство, против „алчноста на политичарите“.
Подоцна бил фасциниран од екстремистичката десничарска илегална паравоена проруска формација „Словачки бранители“, со која се состанувал, а која соработувала со руските моторџии „Ноќни волци“.
Напаѓачот го застрелал словачкиот премиер со пиштол за кој имал дозвола, бидејќи извесно време работел како обезбедување во продавница.
За кривичното дело за кое се товари Цинтула – обид за убиство со умисла поради одмазда против заштитено лице, според словачкиот закон, му се заканува казна од 25 години или доживотен затвор.
Состојбата на словачкиот премиер Фицо е стабилна, но сепак сериозна
Здравствената состојба на словачкиот премиер Роберт Фицо е стабилна, но сепак сериозна, изјави словачкиот министер за здравство.
Вицепремиерот на Словачка изјави дека е малку веројатно премиерот Фицо да биде префрлен во Братислава.
Вицепремиерот Роберт Калинак за новинарите пред болницата во која се лекува Фицо, изјави дека нема потреба формално да ги преземе службените должности на Фицо и дека е остварена одредена комуникација со премиерот.