„Само тогаш кога политичарите кои доаѓаат и си заминуваат од власт, ќе сфатат дека судската власт е столбот кој останува и не е марионета ниту инструмент за остварување на нечии интереси, граѓаните ќе добијат судство какво што заслужуваат“, велат од Судскиот совет
По најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и извесен иден премиер, Христијан Мицкоски, за распуштање на актуелниот состав на Судскиот совет и реформа во делот на идниот избор на неговите членови, во изјава за „Слободен печат“ и „Фокус“ од ова тело укажуваат дека судската власт како една од трите власти е самостојна и независна и секое мешање од другите власти може да биде и опасно за демократијата и владеењето на правото.

„Судскиот совет не се впушта во коментирање и оценка на предизборни програми и ветувања на која било политичка партија, затоа што тоа е крајно несоодветно. Единствено Судскиот совет укажува дека судската власт како една од трите власти, а не трета власт, е самостојна и независна. Овој факт не го користиме како флоскула и одбранбен механизам. Мора да биде јасно и сите да бидат свесни дека секое мешање во судството и генерално во судската власт на кој било од носителите на другите две власти, носи со себе сериозна опасност за едно демократско општество, правната сигурност и владеењето на правото како вредности, стандарди и врвни приоритети кон кои како држава се стремиме на патот кон ЕУ“,
велат од Судскиот совет.
Од телото задолжено за избор и разрешување на судиите, како и за оценување на нивната и на работата на судовите, велат оти се свесни за состојбите во судството и дека ќе ги прифаќаат критиките. Меѓутоа, како што наведуваат од Советот, исто така, се убедени дека судството во Република Северна Македонија има капацитет да ги надмине ваквите состојби без реформи и резови за „кои никој не може однапред да ги предвиди ефектите кои ги предизвикаат.
„Реформи заради реформи никому не му се потребни и истите само ќе ги вратат неколку чекори назад процесите и активностите кои Судскиот совет ги презема во овој период, финансирани и со поддршка на меѓународната заедница преку проекти, а во насока на подобрување на состојбите во судството и се во напредна фаза. Само тогаш кога политичарите кои доаѓаат и си заминуваат од власт, ќе сфатат дека судската власт е столбот кој останува и не е марионета, ниту инструмент за остварување на нечии интереси, граѓаните ќе добијат судство какво што заслужуваат“,
порачуваат од Судскиот совет.
Своите намери за реформи во правосудниот систем, ВМРО-ДПМНЕ ги кажа уште во предизборието и за време на изборната кампања, при претставувањето на нивната програма „Платформа 1 198“.
Оваа тема беше и едно од прашањата на кои лидерот на партијата, Христијан Мицкоски говореше и во интервју за „360 степени“, емитувано на 29 април на МРТ 1. Во него тој кажа дека намерата на ВМРО-ДПМНЕ е да се распушти сегашниот состав на Судскиот совет и сите 13 члена на ова тело да ги избираат судиите, а дел од измените кои ги предлагаат се и фиксен буџет за ова тело.
„Мицкоски: Сами нека си изберат тринаесет и ќе им кажеме – имате буџет толкав процент од БДП.
360°: А како е тоа гаранција дека Советот ќе функционира подобро?
Мицкоски: Ќе си има собраниска комисија што ќе прави ‘оверсајт’ на работењето. Во таа комисија ќе има претставници и од власта и од опозицијата. И ќе вршиме ‘оверсајт’ на работата на тоа тело. Немам намера да се мешам“
Покрај Судскиот совет, плановите на ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер најверојатно ќе ја предводи идната влада, имајќи го исходот од неодамна одржаните парламентарни избори, се и распуштање на Советот на јавни обвинители.
Мицкоски ваквите реформи во правосудството ги повтори и во неговото вчерашно обраќање на самитот на невладината организација „Македонија 2025“, за кои рече дека ќе бидат главен предизвик.
„Главен предизвик ќе бидат реформите во Судски совет и Советот за јавни обвинители. Наша цел е да ги распуштиме овие (тела) кои довербата во правниот систем ја сведоа на едноцифрена бројка проценти, и наместо нив самите судии и обвинители да си ги изберат своите претставници преку тајно гласање“,
изјави Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, дополнително рече дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту да поставува и предлага свои луѓе преку измени во законот, ниту има намера да се меша во овие две тела.
„Исто така наша обврска ќе биде да обезбедиме независен буџет, врзан со проценти од централниот за да бидат целосно автономни, за да не бидат потоа политичарите изговор на некој од тие корумпирани поединци во судство и обвинителство дека тие им правеле притисок. Сами да се изберат и сами да функционираат, а ние ќе правиме ‘оверсајт’ на таа работа преку собраниска комисија во која ќе има претставници и на власта и на опозицијата“,
кажа Мицкоски.
Тој посочи дека целта на ваквата реформа е комплетна автономија на правниот систем.
„Но, ако забележиме било какво влијание од поранешни политички елити или други точки на влијание, ќе има сериозна кривична одговорност. Немаме намера ниту милиметар да отстапиме“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
