Неговата цел е да ја олесни испораката на помош за цивилното население во Газа, додека Израел ја продолжува својата воена кампања против Хамас во Појасот
Американската војска денеска потврди дека првите пратки со хуманитарна помош стигнале на брегот на Газа преку пловечкото пристаниште што го изгради за да се олесни испораката на помош за цивилното население во Појасот, зафатен од војната меѓу Израел и Хамас.

Централната команда на САД, во објава на социјалната платформа „Икс“, соопшти дека камионите натоварени со хуманитарна помош почнале да се движи кон брегот на Газа на Средоземното Море утрово околу 9 часот по локално или 8 часот по средноевропско време.
Во кусото соопштение се наведува дека притоа американски трупи не излегле на брегот во чија близина е пловечкото пристаниште.
„Денеска околу 9 часот (по локално време), камионите со хуманитарна помош почнаа да се движат кон брегот преку привремено пристаниште во Газа. Ниту едни американски трупи не излегоа на брегот во Газа. Ова е тековен, мултинационален напор за доставување дополнителна помош за палестинските цивили во Газа преку поморски коридор кој е целосно хуманитарен по природа и ќе вклучи помош во стоки донирани од голем број земји и хуманитарни организации“,
наведуваат од Централната команда на САД во објавата на Икс.
Today at approximately 9 a.m. (Gaza time), trucks carrying humanitarian assistance began moving ashore via a temporary pier in Gaza. No U.S. troops went ashore in Gaza. This is an ongoing, multinational effort to deliver additional aid to Palestinian civilians in Gaza via a… pic.twitter.com/Gdt9Scgq2y
— U.S. Central Command (@CENTCOM) May 17, 2024
Соединетите Американски Држави почнаа да го градат пловечкото пристаниште пред неколку недели, а првите фотографии од неговата конструкција војската ги објави на 30 април.
Неговата цел е да ја олесни испораката на помош за цивилното население во Газа, додека Израел ја продолжува својата воена кампања против Хамас во Појасот.
Во средата, како што потсетува Би-би-си, беше објавено дека стотици тони помош пристигнале во Кипар, каде што се врши проверка пред пратките да бидат натоварени на бродови за испорака до привременото пристаниште.
Заменик-командантот на Централната команда на војската на САД, вицеадмиралот Бред Купер, изјави дека комерцијални бродови ќе ги собираат палетите со хуманитарната помош од Кипар и ќе ги пренесуваат на пловечка платформа закотвена неколку километри од брегот на Газа.
Помали американски воени бродови, способни да носат меѓу пет и 15 камиони, потоа ќе ја транспортираат помошта до пловечкото пристаниште долго неколку стотина метри прицврстено на плажата на брегот на Газа.
Камионите ќе се движат по пристаништето пред да ја остават помошта на плажата.
Според американските власти, за натамошна дистрибуција на помошта ќе бидат одговорни Обединетите нации (ОН), првенствено Светската програма за храна.
