Белчева вели дека не сака да биде ничие покритие дека се соработува со граѓанскиот сектор и дека не сака да ја гледаат ниту како надеж ниту како разочарување
Непремостливи разлики со актуелното мнозинство и раководство на Општина Центар, а особено со градоначалникот, се дел од причините за повлекувањето на Јана Белчева-Андреевска од претседателското место во Советот на Општината, наведени во нејзината оставка.
Во документот таа вели дека Општина Центар е локална самоуправа без стратегија, јасни цели и со измешани приоритети.
„Искрено верував дека на локално ниво можам да придонесам со капка во морето на промени што ќе следат, ја прифатив понудата само и единствено сакајќи да покажеме дека може и поинаку и дека навистина има можност да се живее со повеќе достоинство, поспокојно, побезбедно, поумно и поурбано. Зад мојата номинација застанаа граѓани пред кои се чувствувам одговорна, кои секојдневно апелираат, а на кои немам каков одговор да им понудам. Платформата ’Здравје пред профит’ остана листа на неисполнети ветувања“,
пишува Белчева во оставката.
Таа додава дека Советот на општината, кој треба да ги претставува граѓанските интереси и да ја насочува работата на општинската администрација и градоначалникот, не успева во претпоставената улога.
„Со чесни исклучоци, тоа е само листа на партиски членови кои не покажуваат ниту интерес ниту волја да придонесат кон напредок. Граѓаните, сепак, заслужуваат поинакво ниво на луѓе да бидат нивен репрезент. Со чест на исклучоци, но неукоста, неодговорноста, немањето желба за промени и повторно фокусирајќи се само и единствено на лични интереси, не смее и не може да биде избор на луѓе кои ја водат Центар. Поразителни се впечатоците на граѓаните кои имале можност да присуствуваат на седница на Совет. Очигледно е немањето желба за сериозна дискусија, аргументирана расправа, анализа и залагање, кои би придонеле за донесување поквалитетни одлуки“,
пишува Белчева.
Таа смета дека раководните структури во Општина Центар се регресивни и агресивни и како што вели, „задоволни од своите лични позиции и бенефиции, забораваат како на ветувањата, така и на реалните предизвици кои мора да се надминуваат“.
Белчева вели дека не сака да биде ничие покритие дека се соработува со граѓанскиот сектор и дека не сака да ја гледаат ниту како надеж ниту како разочарување. „Сакав да придонесам за придвижување кон подобро, да дадам се од себе за да му го вратам чувството на секој жител на Центар дека добива поквалитетни услуги за данокот кој го издвојува“, вели таа.
„Без јасни цели, без сериозно управување и со неодговорна, но заштитена администрација – резултатите ќе останат поразителни, ќе царува небезбедноста, неспокојот, неправдата и неодговорноста. Ова може да е мојот глас, но ова е и гласот на безброј незнајни граѓани кои чекореа за промени, за чесност, за правда, за достоинство и за поубав живот за нив и следните генерации. Ќе останам да делувам како независен член на Советот на Општината, водејќи се од социјалдемократските принципи и вредности, а застапувајќи само и единствено граѓански интереси“,
пишува во оставката на Белчева.