Ципрас и Заев разговарале за политичкиот случувања во Македонија, а освен важноста на Договорот од Преспа, според информациите на МИА од Атина, посочиле и „колку е лицемерен и опасен националистичкиот популизам што се разви и на двете страни“
Поранешните премиери на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, денеска оствариле телефонски разговор при што ја истакнале важноста што ја имаат доследното придржување до Договорот од Преспа и соработката на двете земји, како за европската перспектива на Северна Македонија, така и за мирот и стабилноста на Западен Балкан во период на големи тензии во регионот, јави дописничката на МИА од Атина.
Ципрас и Заев разговарале за политичките случувања во Македонија, а освен важноста на Договорот од Преспа, според информациите на МИА од Атина, посочиле и „колку е лицемерен и опасен националистичкиот популизам што се разви и на двете страни“.
Двајцата поранешни премиери, за време на чие владеење беше потпишан Договорот од Преспа, се договориле во следниот период да преземат заеднички иницијативи за поддршка и имплементација на Договорот, за унапредување на односите меѓу народите на Грција и Северна Македонија и за мирот и стабилноста во поширокиот регион.
Претходно Заев во изјава за ТВ 24 упати апел до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Силјановска-Давкова, да се тргнат од партиската наметка и да ги почитуваат Уставот и Договорот од Преспа.
Според него, претседателот на Северна Македонија, пратениците, премиерот на Владата, министрите и сите носители на функции се должни и мора да бидат пример за почитување на Уставот, меѓународните договори и законите на државата што ја водат. Непочитувањето, додава тој, носи одговорност, но и сериозни последици за државата кои веднаш ќе ги почувствуваат граѓаните.
Неговата реакција следува по вчерашната инаугурација на претседателката Гордана Силјановска-Давкова во Собранието. При давањето на свечената изјава, додека претседателот на Собранието Јован Митрески го читаше уставното име Република Северна Македонија, новоизбраната претседателка на државата, при повторувањето, користеше само Македонија.
(ВИДЕО) Свечената изјава на Силјановска-Давкова што ја налути Грција
Амбасадорката на Грција во земјава, Софија Филипиду, веднаш по заклетвата ја напушти собраниската пленарна сала во знак на протест. Од грчката амбасада рекоа дека тоа го сторила по инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција.
Грчката амбасадорка ја напушти инаугурацијата на Силјановска-Давкова во знак на протест
Оттаму подоцна оценија дека некористењето на уставното име од Силјановска-Давкова е грубо кршење на Договорот од Преспа и Уставот на земјава.
Претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен, упатија честитки до новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова по повод нејзиното официјално стапување на функцијата.
Европската Унија изрази жалење што претседателката Силјановска-Давкова не го користела уставното име
Според Фон дер Лајен, за Северна Македонија да го продолжи својот пат кон ЕУ, потребно е да се почитуваат меѓународните договори како Преспанскиот.
Денеска се огласи и портпаролот на Европската, Унија Питер Стано, кој настапот на Силјановска-Давкова го оцени како несреќен.
(ВИДЕО) ЕУ: Несреќен настап на новата претседателка Силјановска-Давкова
Од амбасадата на САД во изјава за „360 степени“ посочија дека остануваат посветени на Преспанскиот договор и евроатлантските интеграции на С Македонија.
По бројните меѓународни реакции, од кабинетот на Силјановска-Давкова изјавија дека претседателката ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, но дека има право да користи Македонија во јавни настапи.