Погледнете го видеозаписот од давањето свечена изјава во Собранието на новоизбраната претседателка на државата, Гордана Силјановска-Давкова, при што наместо уставното име Република Северна Македонија користи само ‘Македонија’
Додека претседателот на Собранието, Јован Митрески, ја читаше свечената изјава во која е содржано уставното име Република Северна Македонија, новоизбраната претседателка на државата, Гордана Силјановска-Давкова, при повторувањето, користеше само ‘Македонија’.
Тоа се случи во два наврати за време на изјавата.
„Изјавувам дека функцијата претседател на Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно. Ќе го почитувам Уставот и и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија“,
рече Силјановска-Давкова.
Реакцијата од официјална Атина стигна експресно. Амбасадорката на Грција во земјава, Софија Филипиду, веднаш по заклетвата ја напушти ложата во собраниската пленарна сала, во која беа и амбасадори на други земји, во знак на протест. Од грчката амбасада рекоа дека тоа го сторила „по инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција“.
Токму министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетридис, во денешното интервју за весникот „Врадини“ вели дека повеќепати нагласил оти патот на Северна Македонија кон Европската Унија оди и преку доследно почитување на Договорот од Преспа.
„Без разлика на прашањата што ги имавме за Договорот од Преспа од почетокот и кои Нова демократија навремено ги потенцираше како опозиција во тоа време, овој Договор е меѓународен договор, кој е супериорен во однос на секое домашно право и страните треба да го почитуваат, негова ревизија не е можна без договор на страните. Во оваа смисла, сметаме дека е неопходно Договорот да продолжи да се спроведува и верувам дека тоа ќе биде ставот и на новото политичко раководство на Северна Македонија по изборите. Грчката влада со строгост го следи спроведувањето на Договорот и ќе ги направи потребните интервенции“,
вели Герапетридис.
Некористењето на уставното име од претседателката Силјановска-Давкова при давањето свечена изјава веднаш стана тема во грчките медиуми кои известуваат и за протестното напуштање на собраниската седница на амбасадорката Филипиду.