Во збирниот извештај кој беше доставен до Конгресот вчера, администрацијата на претседателот Џо Бајден наведува дека постојат разумни докази кои доведуваат до заклучок дека Израел можеби го прекршил меѓународното хуманитарно право преку начинот на кој се води војната во Газа
Може да се процени дека ова оружје е користено на начини кои се неконзистентни со обврските на Израел, но немаме целосни информации во оваа проценка, па затоа испораките може да продолжат – се наведува во соопштението од Стејт департментот
Израел можеби го прекршил меѓународното хуманитарно право во Газа со користење на оружје кое било набавено од Соединетите Американски Држави, но поради актуелните услови на војување не може со сигурност и во целост да се утврдат овие наводи, се вели во соопштението на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден кое беше објавено синоќа.
Ова соопштение претставува најсилна изјава на актуелната администрација кога станува збор за војната помеѓу Израел и Хамас, но и покрај делумно поострата реторика, сепак, САД не може во целост и со апсолутна сигурност да го потврди користењето на нивната технологија за целите на овие случаи.
„Може да се процени дека ова оружје е користено на начини кои се неконзистентни со обврските на Израел, но немаме целосни информации во оваа проценка, па затоа испораките може да продолжат“,
велат од Стејт департментот.
Наодите на администрацијата во Вашингтон, се прва проценка од ваков вид, откако тие беа изготвени на барање на демократската партија во Конгресот, а кои следуваат по седуммесечните израелски воздушни и копнени напади на Појасот Газа кои според неофицијални информации резултираа со смрт на речиси 35 000 Палестинци.
Во меѓувреме, израелската армија утринава ги повика жителите на населбата во централниот дел на градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа да се евакуираат додека ја продолжува операцијата против Хамас во тој град, и покрај противењето на САД и европските земји според кои навлегувањето во јужниот дел на Газа ќе донесе дополнителна девастација и жртви во регионот.
Овој потег доаѓа откако израелскиот воен кабинет во четвртокот изгласа одобрување на ограничено проширување на воената операција во Рафах.