Воочлива е разликата во излезеноста на гласачите во вториот круг од претседателските избори меѓу општините во источните и централните делови на државата и оние во западните и северозападните
До 11 часот, според податоците на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК), кои се ажурираат сукцесивно, најголема излезеност на граѓаните на претседателските избори има во градовите и општините во североистичниот дел на државата.

Така, до 11 часот, од обработени 3 413 од вкупно 3 508 избирачки места или 97,29 отсто, најголема излезеност има во Крива Паланка – 27,99 отсто. По неа, по бројот на излезени избирачи, е Пробиштип со 24,89 отсто излезеност од 11 часот.
Друга општина од североистокот на државата каде што излезеноста по четири часа од отворањето на гласачките кутии е над 20 отсто е Кратово, односно 21,82 отсто.
Над 20 проценти е излезеноста и во дел од општините во централниот дел од државата, како Демир Капија (23 отсто), потоа Македонски брод (21,83 отсто), Вевчани (21,06 отсто) и Новаци (21,83 отсто).

Од поголемите градови со повисока излезеност до 11 часот се Битола (17,42 отсто), Велес (17,52 отсто), Гевгелија (18,12), Штип (17,89 отсто) и Прилеп (18,09 отсто).
Од друга страна, во западниот дел на државата процентот на излезеност на избирачите на вториот круг од претседателските избори е со едноцифрена бројка.
Така, во Боговиње до 11 часот излегле само 2,24 отсто од вкупно 28 583 избирачи, колку што се запишани во оваа општина. Во тетовско Врапчиште излезеноста е 2,37 отсто, во Желино за четири часа гласале 3,07 отсто од избирачите во оваа општина.

Излезеноста на вториот круг од изборите за претседател во Гостивар до 11 часот е 6,26 отсто, додека во Тетово процентот на излезени гласачи е 7,04 отсто. Во Дебар излезеноста по четири часа од отворањето на гласачките места е 4,16 отсто, а во Кичево 8,68 отсто.

Убедливо најмала излезеност на вториот круг од претседателските избори има во Општина Липково, каде што до 11 часот излегле само 1,76 гласачи.

За претседателските избори да бидат успешни, на нив треба да излезат повеќе од 40 отсто од гласачите запишани во единствениот Избирачки список.