„Не можам да ја замислам хуманитарните загуби што таа ќе ги предизвика. Јасно е дека продолжувањето на војната ќе предизвика нова катастрофална хуманитарна криза, поголема отколку што е сега. Останува да видиме како да се справивме со последиците од оваа ситуација“, изјави денеска шефот на европската дипломатија
Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел денеска изјави дека, и покрај јасните предупредувања од ЕУ, САД и други земји, решеноста на Израел да изврши компнлена офанзива врз Рафах ќе доведе до смрт на уште поголем број цивили, пренесуваат светските агенции.

Израелски воени претставници утрово соопштија дека нивните сили ја презеле контролата врз палестинската страна на преминот Рафах меѓу Појасот Газа и Египет, кој е клучна стратегиска точка и единствената порта за влез на хуманитарна помош во Појасот.
Изјавата шефот на европската дипломатија ја даде пред почетокот на денешниот состанок на Советот за надворешни работи на Унијата на ниво на министри задолжени за развојна и меѓународна соработка.
„И покрај сите барања на меѓународната заедница, САД, земјите членки на Европската Унија, до (израелскиот премиер) Нетанјаху да не го напаѓа Рафах, нападот почна ноќеска. Се плашам дека ова повторно ќе предизвика многу жртви, цивилни жртви. Што и да кажат, нема безбедни зони во Газа“,
пренесува Ројтерс дел од изјавата на Борел.
Тој во изјавата потсети дека Хамас претходно се согласил на предложениот план за прекин на огнот во Газа, но оти тој бил одбиен од страна на Израел, по што ноќеска уследи израелската офанзива на Рафах.
„Не можам да ги замислам хуманитарните загуби што таа ќе ги предизвика. Јасно е дека продолжувањето на војната ќе предизвика нова катастрофална хуманитарна криза, поголема отколку што е сега. Останува да видиме како да се справивме со последиците од оваа ситуација“,
рече Борел.
Борел најави дека за политичката димензија на најновите случувања на Блискиот Исток ќе стане збор на следниот Совет на министрите за надворешни работи на ЕУ, без да прецизира кога тој ќе се одржи.
Што се однесува до денешниот состанок, шефот на европската дипломатија изјави дека на него, меѓу другото, ќе стане збор за за начините за поддршка на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), за обезбедувањето средства за реализација на Планот за Украина, како и за случувањата во Судан.
Во врска со копнената офанзива на Рафах, британски „Гардијан“ го пренесува видеото што воениот дописник на „Тајмс оф Израел“, Емануел Фабијан, го сподели на социјалната платформа „Икс“, за кое вели дека израелските тенкови се движат на преминот Рафах на границата меѓу Египет и Газа со, како што вели, „непријатно големи знамиња“.
Israeli military vehicles drive along the Egypt-Gaza border with obnoxiously large flags. pic.twitter.com/5VArNIp7o1
— Emanuel (Mannie) Fabian (@manniefabian) May 7, 2024
Во меѓувреме, палестинската новинска агенција Вафа објави дека 20 Палестинци, меѓу кои и жени и деца, се убиени во израелските воздушни напади врз Рафа во денеска наутро. Во информацијата се наведува дека уште едно лице е убиено во напад на градот Газа.
„Гардијан“ наведува дека во моментов овие бројки не можат независно да се потврдат.
Здравствените власти во Газа, кои се под контрола на Хамас, исто така, денеска објавија нови податоци за бројот на лица кои досега се убиени во војната меѓу Израел и Хамас која почна пред точно седум месеци, односно лани на 7 октомври. Во нападите на Израел на Газа, според податоците на Министерството за здравство во Појасот, досега загинале 34 789 Палестинци, додека 78 204 се ранети. Се верува дека уште многу луѓе кои се водат како исчезнати се мртви под урнатините по повеќемесечното воздушно бомбардирање од страна на израелската војска, пишува „Гардијан“.