Критикувајќи ја власта, тој рече дека нејзините носители себе си се прогласуваат за европејци, а „еден метар не мрднаа за придвижување на земјата кон Европа“. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека она што го ветуваат тие е макотрпна и посветена работа и овој момент треба да се искрости со храброст, одлучност и гордо крената глава, оти, како што, додаде победата е на дофат
Во предвечерието сме на финалната одлука дали Македонија ќе му ја вратиме на народот или ќе остане заробена, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од вечерашниот завршен митинг во Прилеп на коалицијата „Твоја Македонија“, пред парламентарните и вториот круг од претседателските избори задутре.

Тој во своето обраќање пред насобраните членови и симпатизери рече дека Македонија е градена на темелите на Илинденците и од солзите и лелекот на нашите мајки.
Ова, како што рече, можеби е последната шанса „да ја спасиме Македонија и да ја вратиме на народот“.
„И ќе потсетам дека оваа наша Македонија е создадена од надежите, страдањата и сонот на плејада генерации кои се вградија во темелите кои не држат и во најсилните потреси. Тие темели се полевани од борбата на илинденците, од перата и зборот на преродбениците, од солзите и лелекот на македонските мајки, од надежта на младите. Затоа ви велам ова е можеби последната шанса да ја спасиме Македонија и да ја вратиме на народот“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата на коалицијата „Твоја Македонија“ во првата Изборна единица.
Мицкоски рече дека носителите на актуелната власта направиле системот да им служи ним, а не на народот и дека државните тендери станале приватни.
„Најповторуваното чувство кај народот е дека нема систем, нема држава. Затоа што се создаде еден апарат воден од ДУИ, а опсулужуван од СДСМ кој ја потопи Македонија во криминал и корупција“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Критикувајќи ја власта, тој рече дека нејзините носители себе си се прогласуваат за европејци, а еден метар не мрднаа за придвижување на земјата кон Европа“.
„И од Европска Унија се срамат кога гледаат дека Артан (Груби) и Бујар (Османи) ги бранат. Додека за тоа зборуваат го посрамотија со штетни одлуки и договори секое национално чувство на Македонецот. Се однесуваат кон Македонија, нацијата и идентитетот како да сме некаков хибрид. Дека немаме спомени, дека немаме паметници и херои. Дрво без корен. А тоа е само затоа што не сакаат да погледнат околу себе“,
рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека она што го ветуваат тие е макотрпна и посветена работа.
„Ќе работиме деноноќно за вас и ќе се бориме за вас. Ние се обврзуваме и даваме збор дека нема да ве изневериме. Патот ќе биде тежок, но нема пречка што заедно нема да можеме да ја надминеме. Имаме знаење, визија, концепт како да одиме напред. Нашите политички противници ги знаете, видовте што може од нив да очекувате и не сакам ова обраќање до вас да го обременувам зборувајќи за нив. Се знаете, се е кажано, за жал сите живеевме во реалноста на нивната неспособност и алчност“,
кажа Мицкоски.
Тој посочи дека треба да се искористи овој момент со храброст, одлучност и гордо крената глава, оти како што, додаде победата е на дофат.
„Но, не е доволно само да веруваме во подобро утре. Мора да дејствуваме. Мора да се мобилизираме и да гласаме. За да немаат можност да не уценуваат никогаш повеќе! За Македонија да биде повторно наша, Македонија повторно да биде горда, Гордана Силјановска-Давкова за претседател, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ идна влада“,
порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Кандидатката за претседател на државата Гордана Силјановска-Давкова, во нејзиното обраќање пред насобраните граѓани во Прилеп рече дека ќе биде претседател на сите граѓани.
„Сите ние да направиме заеднички исчекор, нов АСНОМ, четвртиот Илинден. Во овие 30 години, особено во овие мачни седум години се изнагледавме чудни нешта. На 8 мај да ја повториме лекцијата од 24 април. Народот легитимира и делегитимира. Да поставиме темел за горда Македонија. На 9 мај ќе почне нова демократска историја и не дозволувајте оние кои повикуваат на бојкот да го суспендираат вашето право на глас на избор“,
рече Силјановска-Давкова.

На вечерашниот завршен митинг на ВМРО-ДПМНЕ говореше и носителот на листата во четвртата Изборна единица Александар Николоски, кој рече дека изборот не бил никогаш полесен.
„Дали ќе имаме нормална држава или држава што тоне во корупција, тоа е изборот. 8 мај е круна на нашата борба. Денес нашата генерација добива шанса да ја направи Македонија пристојно место за живеење“,
рече Николоски.
