Прашан дали ЗНАМ ќе влезе во идната влада имајќи ги предвид заложбите на партијата за одложени уставни измени, што е спротивно на ставот на партиите од албанскиот блок кои бараат усвојување на измените веднаш, Димитриевски вели дека во владата посакуваат да има партии на Албанците кои ќе ги прифатат нивните услови
Лидерот на Движењето За наша Македонија (ЗНАМ), Максим Димитриевски, денеска на прес-конференција ги повика граѓаните и поддржувачите на овој политчки субјект да гласаат по сопствено убедување во вториот круг од претседателските избори. Тој ова го кажа како одговор на прашањето дали во вториот круг ЗНАМ ќе ја поддржи претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.

Рече дека неговиот став во оваа смисла е јасен, но додаде и оти тој лично не сака да ја повторува грешката од минатите претседателски избори кога гласал за Стево Пендаровски.
„Никогаш до овој момент немам изнесено поразлично од она што го соопштив на прес-конференцијата. Тоа што одредени медиуми и поединци го лиферуваа го разбираат како одреден став и кажување, тоа е нивна лична работа и нема да го коментирам. Мојот став е јасен. Имав став и јавно извинување до граѓаните дека го имам поддржано Стево Пендаровски во минатиот мандат и дека таа грешка нема да ја повторам, но тоа е мој личен и издвоен став. Што се однесува до гласањето на членовите на ЗНАМ, ние сме демократска партија и согласно таква демократија во партијата ги повикувам граѓаните по сопствено убедување да се произнесат за оној кандидат на кој сметаат дека треба да му ја дадат својата поддршка“,
истакна Димитриевски.
Според него, потребно е да се избере претседател на државата за да се избегне политичка криза.
Во однос на можното коалицирање на ЗНАМ со останатите политички субјекти по парламентарните избори в среда, Димитривски вели оти прво ќе ги почекаат изборните резултати, а за понатамошните чекори потоа ќе одлучуваат телата на партијата. Вели дека ниеден претставник на ЗНАМ досега не разговарал со кој било политички субјект во однос на можните коалицирања.
„За жал, ние подадовме рака кон раководството на СДСМ со одредени барања за кои тие не успеаја да се надминат себеси и штитејќи ги своите лични интереси ја ставија во залог комплетно социјалдемократијата, а се повикаа на наводно своја социјалдемократија со што не одбија и нас и граѓаните. Немаме разговарано ниту со ВМРО-ДПМНЕ, ниту со било кој друг политички субјект во државата“,
додаде Димитриевски.
Прашан дали ЗНАМ ќе влезе во идната влада имајќи ги предвид заложбите на партијата за одложени уставни измени, што е спротивно на ставот на партиите од албанскиот блок кои бараат усвојување на измените веднаш, Димитриевски вели дека во владата посакуваат да има партии на Албанците кои ќе ги прифатат нивните услови.
„Нашиот став за уставните измени е јасен. Што се однесува до соработка во владата и во кој состав би влегле, ние посакуваме доколку бидеме дел од идната влада, да имаме и албански партии кои ќе ги прифатат овие услови. Во спротивно, Македонија е унитарна, самостојна и независна држава која ги носи сите свои одлуки врз база на Уставот и законот. Се она што значи мнозинство од 61 пратеник плус е формирање на Влада. Каков етнички состав ќе има владата, тоа ќе биде дефинирано врз база на идните владини партнери. Потребно е да имаме претставник на моноетничките албански партии во владата, но секако не исклучувам и можност на соработка на повисоко ниво меѓу моноетнички и мултиентички партии како што е во овој случај ЗНАМ“,
посочи Димитриевски.