„360 степени“ го праша ко-претседавачот на заедничката историска комисија со Бугарија, Драги Ѓоргиев, за коментар на идејата што денеска ја пласира бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, на што тој одговори дека вреди да се размисли
Треба да се размисли за идејата за подигање заеднички споменик на Гоце Делчев во серското село Баница, каде заеднички би се чествувал споменот за него, одговара Драги Ѓоргиев, ко-претседавач на заедничката историска комисија со Бугарија, на прашање на „360 степени“ за коментар на идејата што денеска ја пласира вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов.
„Тоа може да биде новиот римски ’Сан Клементе’ за Македонија и Бугарија, затоа што споменик на Гоце Делчев, подигнат од страна на двете држави во местотото на неговото загинување, може да биде ново светилиште за Македонија и Бугарија, каде секоја година на 4 мај ќе положуваат цвеќе македонска и бугарска делегација и каде секој ќе оддаде почит на својот национален херој, нешто слично како што се чествува Св. Кирил во црквата ’Сан Клементе’ во Рим. Може да се постават две плочи на тој споменик, на кои ќе има текст важен за двата народа и за двете држави во однос на Гоце Делчев“,
вели Ѓоргиев во одговорот.

Тој додава дека тоа се првични размислувања, но дека „вреди да се анализира таа идеја“. Се разбира, нејзиното спроведување во најголема вера зависи од волјата на грчката држава, вели Драги Ѓоргиев.
Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Каракачанов, денеска повика Бугарија и Северна Македонија да го покренат прашањето за подигнување споменик на местото на загинувањето на Гоце Делчев, близу селото Баница, денешна Грција.
„Време е заедно, како братски држави, пред нашиот партнер Грција, да го покренеме прашањето за поставување спомен-обележје на Гоце Делчев и таму заедно да го одбележуваме сеќавањето на него“,
напиша Каракачанов на „Фејбук“.

Тој додаде дека можеби во урнатините на селото Баница, каде сè уште е духот на Гоце Делчев, ќе дојде до помирување и просветлување на неговиот лик и дело. Каракачанов е лидер на на партијата ВМРО-БНД, коалиционен партнер на ГЕРБ на Борисов во владата.