Евроамбасадорот во земјава изрази надеж дека таквата атмосфера ќе се задржи и во изборната кампања која е сè уште во тек, како и на изборниот ден за две недели кога ќе се одржат парламентарните и вториот круг од претседателските избори
Шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, оцени дека првиот круг од изборите за шеф на државата во С Македонија, кои се одржаа на 24 април, поминале во генерално мирна и демократска атмосфера, што беше и прелиминарната оценка на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.

Гир изрази надеж дека таквата атмосфера ќе се задржи и во изборната кампања која е сè уште во тек и на изборниот ден за две недели кога ќе се одржат парламентарните и вториот круг од претседателските избори.
„Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР веќе го издаде прелиминарниот извештај од првиот круг на изборите. Изборите се одвиваа во генерално мирна и демократска атмосфера и навистина се надеваме дека во вториот круг на претседателските избори и во кампањата за парламентарните избори тие ќе се надградат во овој позитивен замаец што ќе овозможи целиот процес да заврши со позитивни пораки и со позитивно чувство“,
изјави евроамбасадорот на денешното одбележување на Европската недела на имунизација во Градскиот парк во Скопје.
Еден ден по првиот круг од изборите за шеф на државата, набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР излезе со прелиминарна позитивна оценка за изборите. Во извештајот на набљудувачката мисија се нотира дека во кампањата биле почитувани основните слободи, а процедурите во гласањето се испочитувале во голема мера.