„Во врска со вашето прашање дали е потпишан договор (за осигурување), тоа се интерни договори на клиниките со кои не располагам. Морам да ги проверам, па потоа да ви кажам дали е така или не“, изјави денеска министерот за здравство прашан во врска со хаваријата на Клиниката за токсикологија каде што ноќеска пукна цевка од парно и предизвика поплава
Прашан за наодите и решенијата на надзорот во врска со 18-те вработени на Клиниката на кои им се истечени договорите, а според тврдењата на лекарскиот колегиум на Клиниката, организациската директорка инсистира да бидат вработени, Демири рече дека во случајот станува збор за 18 вработени кои се дел од здравствениот систем и одат на работа без да добиваат никаков финансиски надомест за тоа
Штетата од синоќешната хаварија на Клиниката за токсикологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ е санирана, изјави денеска министерот за здравство Илир Демири кој, пак, за наводите дека објектот не е осигурен рече дека ако е тоа точно менаџментот на Токсикологија треба да ја сноси одговорноста.
Министерот вели дека Клиничкиот центар има заеднички служби чија примарна обврска е да се грижат за Клинички. Во нив, според него, е вклучена и обврската да интервенираат во случај на сите хаварии што може да настанат.
За тоа дали е потпишан договор за осигурување на Клиниката, Демири рече дека мора да провери дали е тоа случај или не.
„Ако зборувате за хаваријата со цевката од парното, тоа е санирано уште вчера од страна на заеднички служби. Во врска со вашето прашења дали е потпишан договор (за осигурување), тоа се интерни договори на клиниките со кои не располагам. Морам да ги проверам, па потоа да ви кажам дали е така или не“,
вели министерот за здравство.
На директно новинарско прашање дали е законски Клиниката да не биде осигурана, Демири одговори:
„Не е законски и за тоа менаџментот на институцијата треба да преземе одговорност ако е вистина ова што го кажувате. Треба да се провери дали има договори или не.“
За потсетување, ноќеска околу еден часот по полноќ на Клиниката за токсикологија пукнала цевка од парно, по што биле поплавени речиси сите лекарски канцеларии на вториот кат, болничките соби на првиот кат, ходниците на приземјето, чекалната, сè до амбулантата на Оториноларингологија и дел од подрумските простории.
„Пукна радијатор во една лекарска канцеларија на вториот кат на Клиниката. Дежурната екипа веднаш ја повикала техничката служба за одржување на парно, но не успеале да го допрат истекот на водата во следните четириесетина минути. При што е повикано лице од Клиниката кое помогнало да се сопре водата од главните вентили“,
изјави претходно денеска медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, Даниел Петровски.
Инаку, деновиве вработени на Клиниката за токсикологија првин преку писмено соопштение, а потоа и на прес-конференција реагираа на лошата состојбата со организацијата на работата на Клиниката по доаѓањето на Бесија Иљази на функцијата в.д. организациски директор на Токсикологија.
Тие, меѓу другото, рекоа дека Клиниката нема спроведено постапка за осигурување на имотот, на медицинската опрема, како и осигурување од лекарска грешка.
„Клиниката нема спроведено постапка за осигурување на имотот, осигурување на скапата медицинска опрема и осигурување од лекарска грешка, бидејќи в.д. директорката не сака да потпише зашто не е прифатен нејзиниот брокер за осигурување. Моментално клиниката два месеци не е осигурана иако за тоа сме обврзани со закон“,
беше наведено во писменото соопштение на вработени на Клиниката за токсикологија.
Тие обвинија дека со назначувањето на в.д. организациската директорка Бесија Иљази само еден ден пред формирањето на техничката влада на Клиниката за токсикологија се случува деорганизација, а не организација во оваа јавна здравствена установа.
Посочија дека од нејзиното назначување за помалку од два месеца долгот на Клиниката се зголемил за приближно два милиони денари.
На прес-конференција во понеделникот проф. д-р Нико Беќаровски, кој е раководител на Одделот за интензивна нега, одржана заедно со лекарскиот колегиум на Токсикологија рече дека се соочуваат со целосен отпор и несоработка со организациската директорка.
Беќаровски посочи дека организациската директорка инсистирала да бидат вработени 18 лица на кои на крајот на годината им биле истечени договорите, а како што додаде, Клиниката реално нема потреба од толкав број вработувања.
На новинарско прашање дали меѓу тие 18 лица за кои се бара вработување и за болничарот, за чиј случај веќе се дискутирало на Клиниката, кој вршел притисок врз лаборант да биде заменета урина во која имало наркотици со урина која е чиста, ама лаборантот не прифатил, Беќаровски даде потврден одговор и посочи дека 18 луѓе без никаков договор доаѓаат на работа на Клиниката за токсикологија, иако договорите им се истечени и не би требало да бидат на Клиниката.
На Токсикологија вонреден инспекциски надзор извршија Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Инспекторатот за труд и издадоа решенија по кои менаџментот треба да постапи, но роковите за постапување уште течат.
Прашан за наодите и решенијата на надзорот, како и за тврдењата на вработени на Клиниката дека болничарот кој требаше да биде суспендиран сè уште е на своето работно место, Демири рече дека во случајот станува збор за 18 вработени на Клиниката кои се дел од здравствениот систем и одат на работа без да добиваат никаков финансиски надомест за тоа.
„Значи има една голема неправда која е направена на Токсикологија, а тоа е необезбедување согласност од страна на менаџментот на таа институција за обезбедување на договори за 18 вработени кои се дел од медицинските процедури. Таму има сестри, болничари, техничари кои веќе четири месеци служат на таа институција, а не добиваат никаков финансиски надомест. Тие се дел од здравствениот систем… Чекам да дојде извештајот на инспекцискиот надзор кој го има обврзано во рок од пет дена менаџментот на институцијата да најде решение за 18-те луѓе кои се вработени таму, кои работат таму, а не добиваат финансиски надомест“,
вели министерот за здравство.
Во врска со неговата најава дека ќе го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, Демири рече дека во тек е изборна кампања и не сака да се прекрши ниту една законска процедура.
Околу тврдењата на вработени на Клиниката кои, меѓу другото, обвинија дека организациската директорка на работа останува само четири часа, министерот за здравство вели дека според неговите сознанија ваквите наводи не се точни.