Во Уставниот суд има оформено и предмет за втората одлука на претседателот Пендаровски за прогласување вонредна состојба
Претседателот на Уставниот суд Сали Мурати во изјава за државната агенција МИА вели дека минатиот четврток (30 април), од страна на уставниот судија Осман Кадриу е доставен предлог за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието, поради што закажал работен состанок на судиите, кој треба да се одржи оваа среда по завршувањето на седницата. Притоа, како што истакнува, понатамошното постапување на судот по ова прашање ќе зависи од ставот кој би се зазел на овој работен состанок.
На дневен ред на седницата, пак, како што вели Мурати, е предвидено разгледување на Одлуката за утврдување на постоење на вонредната состојба број 08-526/2 од 18 март 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 68/2020), донесена од Претседателот на Република Северна Македонија.
„По однос на втората одлука на претседателот на Републиката за утврдување на постоење на вонредна состојба, можам да ве информирам дека има оформен посебен предмет и штом се изготви реферат ќе биде предложен за разгледување на седница на судот“,
вели претседателот на Уставен.
Кога станува збор за одлуката за минималец за судиите како солидарноста во борбата против коронавирусот, Мурати истакнува дека никој од судиите не ја оспорил или е против легитимната цел – обезбедување средства за борбата со пандемијата, туку е спорен начинот на кој тоа е сторено – преку норми за чија неуставност и незаконитост постои основано сомнение. Тој додава дека лично ќе донира 20 проценти од својата нето-плата за април и дека дал предлог до другите колеги, но вели, сепак тоа е лична одлука.
