Новото издание на емисијата „360 степени” се емитува вечерва (25 април 2024 г.) од 20:15 часот на МРТ 1
Дури и најоптимистичките проекции на ВМРО-ДПМНЕ предвидуваа до 330 илјади гласа за Гордана Силјановска-Давкова во првиот круг од претседателските избори, а таа освои повеќе од 360 илјади. Од друга страна, за Стево Пендаровски имаше прогнози дека ќе надмине 200 илјади, што не се случи. Дали исходот од вчерашното гласање може да го сметаме за изненадување и што се причините за тоа? Ова е една темите на кои во новото издание на „360 степени“ на МРТ 1 разговараме со универзитетските професори Владо Бучковски (поранешен премиер) и Александар Спасеновски (поранешен пратеник). Ги прашуваме дали е изненадување и скорот на Максим Димитриевски (ЗНАМ) и на Билјана Ванковска (Левица) – за едниот во позитивна, за другиот во негативна смисла. Ако гласовите што вчера ги добија кандидатите Македонци се околу 676 илјади, а за цензус во вториот круг (40 %) се неопходни најмалку 726 илјади гласа, може ли да биде доведена во прашање успешноста на претседателските избори на 8 мај? Донесуваме и репортажи од изборните штабови, како и анализа на бројките и симулација на мандати во парламентот под претпоставка дека вчера се гласаше за пратеници. Се исцртува ли составот на новата влада по 8 мај?
Емисијата се емитува од 20:15 часот на МРТ 1.