„Јасно е дека уште пред да почне изборната трка политичката кондиција на коалицијата не беше на завидно ниво, особено не беше на нивото од 2019 година. Знаете што сѐ во меѓувреме се случуваше, но без поддршка од коалиција на политички партии не можете да размислувате да влезете во политичка трка. Од резултатите се гледа дека успеав да додадам некаква вредност на заедничкиот коалициски потенцијал. Што во првиот круг не беше доволен. Ќе има време за консолидирање помеѓу двата изборни круга“, рече кандидатот за претседател поддржан од СДСМ
Општа оценка од првиот круг на претседателските избори е дека резултатите не се такви какви што ги очекувавме. Бројките сѐ уште се пресметуваат. Она што го знам од аналитичкиот центар е дека разликата ќе биде околу 130 илјади гласови, можеби нешто повеќе. Очекуваме помалку. Утре е нов ден. Веќе од утре почнуваме средби со граѓани, кои ги практикувавме и досега. Тргаме практично од нула.
Ова вечерва на прес-конференција од Изборниот штаб го изјави кандидатот за претседател Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ.

„Знаете дека имаше седум кандидати, како никогаш досега. И веројатно тоа беше една од причините зошто гласовите се поделија на повеќе страни. Веројатно некои од кандидатите кои отпаднаа во првиот круг земаа дел од она што беше претпоставен електорат на првите два кандидати кои продолжуваат понатаму. Но, тргнуваме од нула, од почеток“,
рече тој.
Според него, негова задача следните денови од кампањата ќе биде да продолжи да го промовира концептот во кој, како што додаде, длабоко верува.
„Концепт на држава која не е изолирана, држава која е интегрирана во Европа, која внатре нема поделби по било која основа е моето животно кредо, мојата политичка филозофија, која ја застапувам не само овие 20 дена во кампањата, туку откако паметам за себе, од моите први појавувања пред повеќе од две и пол децении во македонската јавност“,
вели Пендаровски.
Ги охрабри граѓаните кои, како што рече, не излегле во првиот круг да го дадат својот глас, да учествуваат на 8 мај, на изборите во вториот изборен круг.
„Тогаш очекувам уште поголем одзив на граѓаните. Очекувам уште поголема бројка од граѓаните да го препознаат концептот кој го промовирам, а тоа е демократска, просперитетна држава, дел од евроатлантските интеграции, рамноправна со сите, и внатре одржување на таа витална оска на која почива македонската безбедност, меѓуетничките односи“,
рече кандидатот за втор мандат.
Според него, нема да бара никаков договор со ниту еден политички субјект или со кандидат од оние кои не продолжуваат во вториот круг за, како што рече, механичко префрлање на гласовите.
„Тоа е концепт кој е потполно туѓ за моето политичко верување. Никогаш не сум го правел тоа, никакви заткулисни договори. Ниту во 2014 ниту во 2019 година не сум го правел тоа, со ниту еден политички лидер, со ниту една политичка партија, за да механички преземам гласови од која било етничка заедница, од било која општина. Тоа нема да го правам ни сега. Едноставно на сите граѓани ќе им го презентирам мојот концепт. Се надевам далеку поголема бројка ќе го препознае мојот концепт како најдобар и најпродуктивен за развој на македонската држава“,
рече тој.
Со својот тим, Пендаровски најави дека продолжуваат веќе од утре да го презентираат концептот за европска држава.
„До вториот изборен круг имаме празнични денови, но за нас нема да има пауза, ќе продолжиме до крај да го промовираме концептот во кој веруваме. Нема предавање, не сакам да покажам знаци на малодушност зашто не се чувствувам така во овој момент. Знам дека има илјадинци, стотици граѓани кои веруваат во овој концепт“,
вели Пендаровски.
На прашањето дека нема механички да се прелијат гласовите, но постои можност да му бидат понудени гласови, рече дека во неговиот полиитчки вокабулар не постојат зборови, понудени гласови на граѓани или префрлени гласови на граѓани.
„Зад секој наш граѓанин се крие посебна единка со свои специфики. Граѓаните не сум ги подразбирал како колективна група или аморфна маса која некој ќе им каже да ги префрлаат или да не ги префрлаат гласовите. Ќе одбијам каков било обид за нудење на квантум или контингент на гласови. Тоа е понижување на граѓаните. Тие се засебни политички единки. Но, имаат и свое јас. Имаат свој образ. Не можам да ги поимам тие категории, во смисла овој ќе ми понуди 30 илјади гласови, а од овој ќе побарам 50 илјади гласови. Туѓо ми е. И 2014 и 2019 година не го правев тоа. Граѓаните кои гласаа за мене не беа натерани од никого, туку веруваат во концептот кој го нудам“,
рече тој.
На новинарското прашање дали граѓаните го казнија него или партијата која застанала зад него, рече дека тоа треба да го покажат анализите по општини и по изборни единици.
„Јасно е дека уште пред да почне изборната трка политичката кондиција на коалицијата не беше на завидно ниво, особено не беше на нивото од 2019 година. Знаете што сѐ во меѓувреме се случуваше, но без поддршка од коалиција на политички партии не можете да размислувате да влезете во политичка трка. Од резултатите се гледа дека успеав да додадам некаква вредност на заедничкиот коалициски потенцијал. Што во првиот круг не беше доволен. Ќе има време за консолидирање помеѓу двата изборни круга“,
вели кандидатот за втор мандат.
На прашање дали е сѐ уште сигурен во победа на изборите, рече дека чудно е што ВМРО-ДПМНЕ никогаш не зборувало за победа во вториот круг, туку за разлика во првиот круг.
„ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни дека ќе победат во вториот круг. Не сум ни јас сигурен, но знам дека има мнозинство на овој концепт кој јас го предлагам. Од утре се гледаме на терен“,
рече Пендаровски.