Уште од пристигнувањето на првите податоци, за бројот на гласачи кои излегле до 9 часот, излезеноста на овие избори е поголема од онаа на последните избори одржани на територијата на целата земја – локалните избори во 2021 година
Првиот круг од претседателските избори речиси сигурно ќе забележи поголема излезеност на избирачите споредено со последните избори спроведени на територијата на целата земја – првиот круг од локалните избори во 2021 година.
Според последните податоци објавени на интернет страницата на Државната изборна комисија, одзивот до 17 часот на денешното гласање е 42,38%, согласно 97,16% обработени избирачи. На првиот круг од локалните избори одржани на 17 декември 2021 година, на обработени 97,08% избирачи, до 17 часот одзивот бил 41,08%. Тоа е околу 1,3 процентни поени помалку од денеска.

Во апсолутни бројки, пак, со обработени 97,16 отсто од избирачите, до 17 часот на гласање на денешните избори излегле 747 056 гласачи. Во 2021 година, до 17 часот и на обработени 97,08 отсто од избирачите, на гласање биле излезени 730 603 граѓани, односно околу 16 500 лица помалку.
Ќе расте ли разликата?
Разликата во бројот на гласачи кои го оствариле правото на глас до 17 часот на изборите во 2021 и денеска веројатно ќе се менува, затоа што недостасуваат околу 3% од податоците и за избирачите и за избирачките места. На 100% обработени избирачи, излезеноста во 2021 беше 41,39%. Додека годинава, како што изјави претседателот на ДИК, Александар Даштевски, излезеноста до 17 часот е 44,18%. Тоа е околу 3 процентни поени повеќе споредено со 2021 година.
За потсетување, на изборите во 2021 излезеноста до 19 часот беше 52,66%, што значи дека е реално да се очекува дека одзивот оваа година ќе биде поголем од таа бројка.
