Од МВР информираат дека фотографирање гласачко ливче, покрај случаите во Охрид и Берово, било регистрирано и двапати во Скопје и еднаш во Радовиш
Две лица се приведени во полициските станици во Охрид и во Берово откако биле пријавени дека на избирачко место фотографирале гласачко ливче.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираат дека фотографирање гласачко ливче, покрај случаите во Охрид и во Берово, било регистрирано и двапати во Скопје и еднаш во Радовиш.

Оттаму велат дека во текот на денешното гласање, покрај настаните за кои на прес-конференција информирал помошникот министер за односи со јавност Тони Ангеловски, биле регистрирани пет настани кои се случиле на избирачките места, а на кои биле фотографирани гласачки ливчиња.
„Во 11:10 часот е пријавено дека во селото Коџалија, Општина Радовиш, на избирачко место број 1602, С.А. од село Коџалија го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок. Во 12:15 часот е пријавено дека на избирачко место број 2683/1 во Скопје, А.С. (40) од Скопје го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок. Во 13:57 часот е пријавено дека на избирачко место 2555 во Скопје, С.С. го фотографирала гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок“,
соопштија од МВР.
Според МВР, во 12:15 часот е пријавено дека А.И. (48) од Охрид на избирачко место број 1271 во Охрид го фотографирал гласачкото ливче. А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
„Во 12:35 часот е пријавено дека на избирачко место бр. 0006 во Берово, Д.Т. (42) го фотографирал гласачкото ливче. Д.Т. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок“,
велат од МВР.
Од МВР упатуваат апел до граѓаните и до учесниците на изборите во текот на гласањето да се воздржат од какви било инциденти, а доколку се забележи нарушување на изборниот процес тоа да се пријави во најблиската полициска станица.