Таравари рече дека има информации за попречување на изборниот процес и оти тие се процесираат во изборниот штаб

Кандидатот за претседател од коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, вели дека гласањето на денешните претседателски избори се одвива во добра атмосфера и оти тоа што граѓаните масовно излегуваат на гласање е добар знак за опозицијата.
Таравари денеска во придружба на потесното семејство го оствари правото на глас на избирачкото место во ООУ „Единство – Башкими“ во Гостивар и рече дека му е посебно задоволство што малиот син првпат гласа оваа година.
„Мојата порака до сите е овие избори да бидат фер и демократски и да победи подобриот. Ние ќе го прифатиме секој резултат. Атмосферата е добра, има ентузијазам и гледам дека граѓаните масовно излегуваа, што е добар знак за опозицијата“,
рече Таравари.
Таравари рече дека има информации за попречување на изборниот процес и оти тие се процесираат во изборниот штаб.
„Мислам дека не е сега моментот да се кажуваат тие неправилности. Навикнати сме на тие притисоци, купувања гласови за коишто веќе има и видеоснимки. Меѓутоа, тоа ќе го објави нашиот штаб и веќе се известени сите релевантни институции во земјата и меѓународните претставници во Македонија“,
додаде Таравари.