Јакимовски упати апел до граѓаните да излезат на гласање и испрати замолница да го дадат својот глас „за“, а не „против“

Претседателскиот кандидат на коалицијата „Храбро за Македонија“ и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, вели дека најголема штета ѝ се прави на Македонија ако не се излегува да се гласа.
Јакимовски денеска, откако го оствари своето гласачко право, рече оти е многу среќен што денеска се гласа за, како што рече, наш претседател ниту за српски ниту за бугарски ниту за грчки претседател.
„Вечна слава нека им е на асномците кои ги удрија темелите на современата македонска држава и го остварија вековниот идеал на македонскиот народ“,
рече Јакимовски.
Според Јакимовски, оваа држава не е совршена, но, додаде тој, сите сме одговорни за тоа каква држава имаме, и „ние што избираме и тие што се избирани на функциите“.
Јакимовски упати апел до граѓаните да излезат на гласање и испрати замолница да го дадат својот глас „за“, а не „против“
Тој додаде „секогаш кога се гласа ’против’ некого, секогаш правиме грешки и тие грешки повторно се на штета на државата“.
„Затоа излезете и дајте го гласот за оној што мислите дека ќе биде најдобар претседател, дека ќе биде најдобар врховен командант на вооружените сили на Република Македонија“,
рече Јакимовски.