„Клиниката нема спроведено постапка за осигурување на имот, осигурување на скапата медицинска опрема и осигурување од лекарска грешка, бидејќи в.д. директорката не сака да потпише затоа што не е прифатен нејзиниот брокер за осигурување и моментално клиниката два месеци не е осигурана иако за тоа сме со закон обврзани“, стои во реакцијата на вработените на Токсикологија
Со назначување на в.д. организациски директор Бесија Иљази на Клиниката за токсикологија, на само еден ден пред формирањето на техничката влада се случува деорганизација, а не организација во оваа здравствена установа.
Ова е реакцијата на вработените на Клиниката за токсикологија, кои денеска преку соопштение ја испратија до медиумите, посочувајќи дека од нејзиното назначување за помалку од два месеци долгот на клиниката се зголемил за приближно два милиони денари.

Во писмото испратено од вработените на оваа клиника се вели дека организациската директорка не ги исполнува условите за функцијата, кои, како што додаваат, се пропишани со законот за директори.
Во нивната рекација пишува и дека таа на работа доаѓала во 10 часот, а си одела во 14 и 30 часот, односно, како што велат, на работа присуствувала по четири и пол часа.
„Клиниката нема спроведено постапка за осигурување на имот, осигурување на скапата медицинска опрема и осигурување од лекарска грешка, бидејќи в.д. директорката не сака да потпише зашто не е прифатен нејзиниот брокер за осигурување. Моментално клиниката два месеци не е осигурана иако за тоа сме со закон обврзани“,
стои во реакцијата на вработените на Токсикологија.

Според нив, поради нејзиното одбивање да потпише согласност за договор на дело за двајца дипломирани биолози, токсиколошката лабораторија веќе два месеци, како што велат, не врши валидација на издадените лабораториски резултати.