Решив да ја прифатам поканата за заедничка дебата на националниот јавен сервис – Македонска радио-телевизија, со оглед на тоа дека сите мои противкандидати ја прифатиле поканата да учествуваат во дебатата, порача Пендаровски
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски ја прифати поканата на националниот јавен сервис за учество на дебата со сите противкандидати во претседателската трка. Тој, како што наведуваат од неговиот тим за комуникации, останува на ставот дека е потребно расчистување на случајот со лажни анкети, поврзани со јавниот сервис.

Како што се наведува во соопштението, сите други кандидати за претседател на државата ја прифатиле поканата да учествуваат во дебатата.
„Решив да ја прифатам поканата за заедничка дебата на националниот јавен сервис – Македонска радио телевизија, со оглед на тоа дека сите мои противкандидати ја прифатиле поканата да учествуваат во дебатата. Останувам на претходно изнесениот став дека е потребно да се расветли случајот во кој имаше јавно изнесени индиции дека јавниот сервис бил користен за изработка на лажни анкети и дебати за рејтингот на политичките партии и кандидатите за претседатели, а со тоа и фабрикување на јавното мислење,“
наведува Пендаровски.
Останувајќи доследен на принципот на транспарентноста за мојата работа и како претседател и како кандидат за претседател во тековната кампања, ја информирам јавноста за овие прашања за кои имаше интерес изминатите денови, посочува Пендаровски.
Претходно Пендаровски порача дека би прифатил предизборно телевизиско соочување каде било, под услов да учествуваат сите седуммина кандидати. Но, како што рече, тогаш со еден мал исклучок – со резерва кон Македонската радио-телевизија (МРТ).
На почетокот на април , владејачкиот СДСМ, објавувајќи документи, обвини оти ВМРО-ДПМНЕ направила оперативен план кој се однесува на пласирање лажни анкети за рејтинзите на политичарите и партиите кои во изминатиот период се објавувани во емисијата „Објектив“ на јавниот сервис.
Од Македонската радио-телевизија ги отфрлија, како што ги оценија, неоснованите напади за професионалноста и објективното известување на јавниот сервис и посочија оти како и досега, така и во иднина, МРТ ќе известува точно, проверено, објективно и согласно сите етички и професионални стандарди.