Препукувањата и обвинувањата за говор на омраза ги почна ВМРО-ДПМНЕ, која во понеделникот обвини дека на митинг на Пендаровски граѓанин упатил сексистички навреди кон Силјановска-Давкова. Од друга страна претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ, на митинзите деновиве меѓу другото рече дека од страна на политичките опоненти е нарекуван измеќар, слуга, инфантилен…
Актуелниот шеф на државата и кандидат за втор мандат на функцијата поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски ќе поднесе претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за, како што соопштија денеска од неговиот изборен штаб, говорот на омраза, навредите и дискриминацијата на кои е изложен од страна на неговата противкандидатка Гордана Силјановска-Давкова и партијата ВМРО-ДПМНЕ, која ја поддржува нејзината кампања.

Од Тимот за комуникации „Нашиот претседател – Стево!“, велат дека Силјановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ, во повеќе наврати, на јавните собири и митинзи искажале лични навреди и клевети за Пендаровски. Навредите, како што се наведува во соопштението, освен што го нарушуваат достоинството, честа и угледот на претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ, според неговиот тим, содржат и елементи на говор.
Со ваквиот говор, се додава, Силјановска-Давкова и партијата чија поддршка ја има во кампањата, може да поттикнат други лица да сторат дела од омраза.
Од изборниот штаб на Пендаровски информираат дека тој материјалот ќе го достави и до Државната изборна комисија (ДИК), чиј Кодекс за фер и демократски избори, потсетуваат, го потпишаа и неговата противкандидатка и партијата која ја поддржува.
Материјалот ќе биде доставен и до набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, до Делегацијата на Европската Унија во земјава и до амбасадите на земјите членки на НАТО и на Европската Унија во С Мкаедонија.
„Со оглед на тоа што Државната изборна комисија одлучува по приговори, а не по претставки, во врска со почитувањето на одредбите од Изборниот законик и до неа ќе се достави материјалот заради нивно информирање. Тие, како носители на изборниот процес, имаат морална обврска да се запознаат со флагрантното кршење на Кодексот од кандидатката и партијата ВМРО-ДПМНЕ“,
се наведува во соопштението на Тимот за комуникации „Нашиот претседател – Стево!“.
Како што изборната кампања за првиот круг на претседателските избори добиваше на залет, а деновиве влегува и во својата завршница, така митинзите на кандидатите за шеф на државата се места од кои претендентите за претседателската функција си упатуваа вербални „удари под појас“.
Препукувањата и обвинувањата за говор на омраза ги почна ВМРО-ДПМНЕ. Партијата во понеделникот го обвини претседателскиот кандидат Пендаровски дека на митингот во Куманово претходниот ден еден од присутните граѓани упатил сексистички навреди кон Силјановска-Давкова кои се однесуваат на возраста и полот на кандидатката.
За случајот реагираше комплетното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и донесе нова тема во наративите на претседателските кандидати и партиите кои ги поддржуваат.
„Говорот на омраза не доликува на ниту една сериозна партија, ама не доликува воопшто на социјалдемократска партија. Тоа е говор на некоја крајна десница што се служи со патријархалност и парохијалност, па така гледа на жените и на возрасните“,
беше коментарот на Силјановска-Давкова.
На последните неколку митинзи и нејзиниот противкандидат Пендаровски посочи дека е цел на навреди и клевети од страна на политичките опоненти.
„Ме нарекуваат измеќар, слуга нечиј, ме нарекоа дури и инфантилен“,
рече Пендаровски говорејќи на митингот во Велес во вторникот.
Пораките што од митинзите си ги упатуваат овие двајца противкандидати имаа и посуптилен тон.

Говорејќи на митингот пред центарци во неделата, Силјановска-Давкова, меѓу другото, од позиција на долгогодишна професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, кажа дека никогаш не говори за своите студенти, но дека најдобрите од нив никогаш не ги заборава. За актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој своето високо образование го има завршено на овој факултет, рече дека не го памети како студент.
Одговарајќи ѝ на Силјановска-Давкова, актуелниот шеф на државата и кандидат за втор мандат на функцијата на митингот следниот ден рече дека ниту тој не ја познава неа од Правниот факултет. Единствено, како што кажа, го познавал нејзиниот сопруг, во времето кога тој бил на позицијата помлад асистент на факултетот.
На еден од претходните митинзи, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ рече дека од позиција на шеф на државата не би можела да го предложи Стево Пендаровски за судија во Уставниот суд зашто, како што кажа, критериумите кои таа ги има за уставни судии се многу високи.