Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) најави оти планираат да ги радикализираат протестите следните денови со собири пред зградата на Владата, на кои рече дека ќе бидат помногубројни и погласни бидејќи, според него, незадоволство има и во други јавни претпријатија
Вработени во 30 подружници на „Национални шуми“ денеска претпладне се собраа на протест пред зградата на Јавното претпријатие во Скопје за да го искажат, како што рекоа, својот револт бидејќи втор месец немаат земено плата.
Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП), Иван Пешевски, кој зборуваше во име на вработените, во изјава за медиумите рече дека не се проблем само неисплатените плати, туку и теренскиот додаток, кој исто така не им се исплаќа, а луѓето, вели, се тераат да одат на работа.
Во меѓувреме, потсети тој, во претпријатието се одвива штрајк на вработените, кои се на своите работни места, но не ги извршуваат работните задачи.
Причините за ваквата состојба во ЈП „Национални шуми“, според него, е во менаџментот на претпријатието и во власта.
„Навистина се гневни и на менаџментот и на директорот и на нивните раководители и на сите претставници од власта затоа што сите таму земаат за 80 отсто зголемени плати, а вработените немаат втор месец плата. Веќе третиот месец тече и со една исплатена плата доколку денеска ја има повторно ќе немаат здравствено осигурување“,
рече Пешевски.
Тој упати апел до претставниците на власта и до сите политички партии да не си поигруваат со судбината на околу 1 800 вработени во „Национални шуми“.
„Ако може да вработуваат луѓе пред избори и да ги лажат треба да обезбедат плата за сите луѓе сега, а не само да одат по градовите и да делат лажни ветувања. Ова го упатуваме до сите претставници на власта, до сите политички партии кога одат по градовите да ги прашаат луѓето за нивните проблеми, а не да кажуваат што ќе направат или што не направиле тие пред нив“,
изјави претседателот на СГИП.
Срамно е, додаде тој, во 21 век вработени да се молат за плати кои ги заработиле на работни места на кои се изложени на висок степен на ризик.
„Ако се прашуваат некои и ако кажуваат дека има крадци во ‘Национални шуми’, јас од тука кажувам дека крадците се во дирекцијата и во фотелјите. Крадците не се ни сеча, ни дотур, ни сите оние шумари коишто земаат и онака мизерни плати, а не плати достоинствени за живот како што заслужуваат со нивните работни места, на коишто се секојдневно изложени на надворешни влијанија и коишто се со висок степен на ризик“,
рече Пешевски.
Тој најави оти планираат да ги радикализираат протестите следните денови со собири пред зградата на Владата, на кои рече дека ќе бидат помногубројни и погласни, бидејќи, според него, незадоволство има и во други јавни претпријатија.
„Верувајте дека ќе бидеме сè побројни и погласни, особено вработените во јавниот сектор, бидејќи врие и во ‘Паркови и зеленило’ и во Комунално и во Водовод, вчера гледаме и во ‘Македонски пошти“, културните работници и сите со мизерни плати, наспроти платите на функционерите. Ако планираат вака да продолжат верувајте дека нема да дочекаат народ ни на избори“,
порача Пешевски.
Прашан зошто не им се исплаќаат плати и кој е ставот на менаџментот на јавното претпријатие, тој рече дека нивниот став секогаш е дека зимскиот период е тежок.
„Ако е тежок како може во зимскиот период да набават не знам колку возила и да потрошат милионски суми пари, а да не обезбедат пари за вработените. Така што целиот проблем е во претставниците на власта и на менаџментот. Не може никој да не убеди дека работниците што одат на работа и што ги извршуваат своите работни задачи се должни да чекаат два или три месеци за плата. Нека си го планираат периодот, а не да прават сезонски работници, десет месеци одат луѓето на работа, а два месеци не одат, па потоа да ги лажат дека ќе има плата до среда, до петок. Повеќе не веруваме на лаги и ако треба секој ден ќе протестираме до исполнување на барањата“,
рече претседателот на СГИП.
Во однос на висината на платите, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека основната плата без додатоци на е еден шумарски инженер не изнесува повеќе од 25-26 000 денари.
Во Јавното претпријатие, како што информираше, во моментов има 1 800 вработени од кои 355 биле примени на работа пред два месеци.