Претседателскиот кандидат на коалицијата предводена од ДУИ порача оти се залага за концептот еднакво општество за сите, што, како што рече, се разликува од концептот едно општество за сите по тоа што без разлика на бројот на припадниците на одредена етничка припадност, сите се еднакви во правата и привилегиите
Целта на „Европскиот фронт“ е Охридскиот рамковен договор да го претвори во политичко движење – порача, меѓу другото, кандидатот за шеф на државата од коалицијата предводена од ДУИ, Бујар Османи, на вчерашната јавна дебата по повод одбележување на 8 април – Меѓународниот ден на Ромите.

Османи порача дека се залага за еднаква држава за сите каде што, и покрај ограничената моќ, тој како потенцијален иден шеф на државата ќе стане авторитет кој ќе ги обедини различните политички и етнички наративи и ќе биде адвокат на правата на граѓаните, во борба против која било форма на дискриминација.
„Одбележувајќи го овој ден, стојам пред вас не само како кандидат за претседател на Република Северна Македонија, туку како еден посветен адвокат на создавање на еднаква држава, со еднакви можности за сите граѓани”,
порача Османи од вчерашниот настан.
Во оваа насока тој ги разграничи концептите „едно општество за сите“ и „еднакво општество за сите“.
Разликата, како што рече, е дека во првиот најмногубројните ќе доминираат додека на вториот, без разлика на бројот на припадниците на одредена етничка припадност, сите се еднакви во правата и привилегиите.
За Охридскиот рамковен договор вчера, како и во повеќе наврати досега, говореше и претседателската кандидатка поддржана од Левица, Билјана Ванковска-Цветковска. Таа во интервју за МИА изјави дека Рамковниот договор си ја завршил својата историска функција и дека е потребно да се излезе од стравот да се говори за него. Додаде оти договорот е предмет на табуизација во земјава и нешто од кое, како што рече, се прави светиња.